Со „Аманет“ македонските песни и ора ќе траат вечно
Вокално-инструменталната приказна што ја пишува музичкиот состав „Аманет“ нема крај. На секоја средба започнува идната, а секоја претходна е продолжение на таа пред неа и сè така веќе цели пет години. Составен од млади музичари и вокали ја чува традицијата од заборавот и токму на јубилејниот концерт кој деновиве беше одржан по повод пет години постоење, беше презентирана нивната богата програма пред публиката која со аплауз и овации ја поздрави изведбата. Тие покажаа како се чува и афирмира традицијата, песните и ората на македонскиот народ
„Аманет е ехото од планините, создадено од кавалите и шупелките на овчарите. Аманет се и гајдите од соборите и зурлите и тапаните по славите и свадбите. Аманет се и занаетчиите по чаршиите и чорбаџиите по чардаците со тамбурите. Аманет се и жетварките и жетварските песни, јунаците по горите и планините.
Аманет е слободата!…“. Со овие зборови започна јубилејниот концерт на вокално-инструменталниот состав „Аманет“, кој цели пет години ги негува и презентира изворните македонски народни песни и ора. Составен од млади инструменталисти и вокали ВИС „Аманет“ ја чува традицијата од заборавот и токму викендов на сцената на Македонската опера и балет ја презентираше својата богата програма пред публиката, која со аплауз и овации ја поздрави нивната изведба. Пред полната сала во Националната опера и балет, во која имаше публика од буквално сите возрасти, одекна изворното, македонско минато, одекна – за да се трае вечно…
Одекна кавалот, тамбурата, тапанот, одекнаа зурли, гајди, шупелка, ќемане, но одекнаа и песните испеани од срце, од душа… Онака како што некогаш се пеело меѓу народот македонски. Изведбата на песните: „Сон сум сонил“, „Јано Јанке кумановке“, „Босо моме“, „Софке, мори Софке“, „Многу мерак имам бабо…“, но и на „Чучук орото“, „Горноџумајското“, но и „Пиринското оро“ ги допре и стопли срцата на присутните. Се редеа песните Патруно моме, „Зачукале тапаните, настапот на триото гајди со фрагменти од „Женско пуштено оро“, „Цветково оро“, Копачка….“
„Иако сме релативно млада група, нашата мисија и цел е да ја сочуваме и афирмираме вокално –инструменталната практика на македонскиот народ, ширејки го звукот на таа традиција“, велат од ВИС „Аманет”.
Членовите на составот „Аманет“ инструменалистите Андреј Трајковски (гајда), Роберт Ангеловскил (кавал), Новица Крстевски (кавал), Оливер Настовски (Тамбура), Христијан Јаневски (тамбура), Јане Крстевски (тамбура), Никола Волкановски (тапани) и Филип Арилон (кавал), како и вокалите Симона Петковска, Ивана Чаловска и Ленче Димовска, ја освоија публиката, која нивниот настап ја награди со бурни аплаузи крената на нозе. Целата атмосфера ја надополнија Џељо Дестановски на зурла, Стојче Трајанов на гајда и актерот Владо Дојчновски (познат од Македонските народни приказни“), кој ни ја доближи народната музика и преку шеговити досетки од секојдневието на нашите предци… Се пееше и „Не се женам“, „Дека ти е Тинке твојто момче“, се свиреше „Тропнало оро“ и „Ситна Лиса…“ и сè беше токму онака како што требаше да биде, но и многу повеќе…
Сите членови во ВИС „Аманет“ веќе подолго време се занимаваат со изведување на оваа музика, и кругот во кој се негува традиционалната музика не спои, дали тоа било, средното музичко од каде дел од членовите продолжија на Факултетот за музичка уметност, дали од членување во културно уметнички друштва, каде заедно сме музицирале“, вели Андреј Трајковски.
Вокално – инструменталната приказна што ја пишува ВИС „Аманет“ нема крај. На секоја средба започнува идната, а секоја претходна е продолжение на таа пред неа и се така веќе цели пет години. Овој состав располага со богат репертоар, кој што се состои од традиционални ора и песни од повеќе региони во Македонија, изведувани на традиционални инструменти како кавал, гајда, шупелка, тамбура, ќемане и тапан.
ВИС „Аманет”, формиран во 2018 година, има реализирано повеќе концерти, настани и хуманитарни акции, а соработува и со неколку културно-уметнички друштва, со чија помош заемно придонесуваат за афирмација на македонскиот фолклор во светот. Во ова време кога младите слушаат некои нови звуци, тие цврсто одат по патот на традицијата. Тие се пример дека традицијата се чува, негува и враќа од заборав токму од младата генерација. (Д.Т.)
Comments