Смртоносниот истрел на Болдвин ги менува правилата во Холивуд
Updated: Oct 27, 2021
26.10.2021 Oktomvri Vtornik
Телевизиската серија „Дебитантот“ на „Еј-би-си“ воведе нови правила за користење на филмски реквизити, со кои се забранува употребата на оружје на снимањето. Ваквите промени доаѓаат по фаталното пукање на филмскиот сет на „’Рѓа“, во кое актерот Алек Болдвин ја уби директорката на фотографија Халина Хачинс и го повреди режисерот Џоел Соуза, пренесува „Си-ен-ен“.
Главниот продуцент на полициската драма во текот на изминатиот викенд испрати писмо до актерската екипа, во кое се објаснуваат промените кои ќе бидат воведени за снимањата. Според новите правила, на снимањето на серијата ќе се употребуваат реплики на пиштоли со намалена моќност, кои пукаат пластични пелети, а ефектите подоцна ќе се додаваат во постпродукцијата.
На филмските сетови најчесто се користат три типа на реквизити. Тука спаѓаат целосно лажното огнено оружје, кое изгледа реално, но не испалува куршуми, деактивирано огнено оружје или вистинско огнено оружје наполнето со празни куршуми кои имитираат вистинското пукање, според експертот за оружје, Бен Симонс.
Понекогаш филмските екипи се охрабруваат да го забрзаат снимањето, што доведува до ублажување на безбедносните протоколи за време на снимањата. На Болдвин, наводно, му бил даден безбеден, т.н. „ладен пиштол“, но содржел вистинска муниција кога бил испукан, според деталите од полициската истрага за фаталното пукање. Истрелот ја погодил камерманката Хачинс во градите и режисерот Соуза кој бил зад неа, во рамото. Асистент на режија, кој му го дал револверот на Болдвин, не знаел дека оружјето содржи вистински куршуми.
Продукцијата на филмот веднаш беше прекината. Околностите за тоа како оружје-реквизит испука смртоносен проектил остануваат нејасни. Претходно, неколку членови го напуштија филмскиот сет поради непочитувањето на безбедносните протоколи непосредно пред да се случи самата несреќа.
Инцидентот на снимањето предизвика вознемиреност и гнев од страна на Холивуд, а режисерот Џејмс Ган на Твитер напиша дека неговиот најголем страв е некој да биде фатално повреден на еден од неговите филмски сетови.
Comentarios