„Слободата на стихот“ – нова книга од Сузана В. Спасовска
17.12.2021 Dekemvri Petok
Деновиве излезе од печат книгата „Слободата на стихот“, студија за македонскиот слободен стих од авторката Сузана В. Спасовска, како самостојно издание. Книгата е поддржана на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес за 2021 година. Студијата претставува магистерски труд на авторката, одбранет на Филолошкиот факултет во 2002 година. Рецензенти на изданието се професорите Венко Андоновски и Славен Јуриќ од Загрепскиот универзитет. Во рецензијата за оваа книга пишува: „Спасовска направила две нешта: прво, сумариум на досегашната стихологија на балканскиве и, потесно, на македонските простори и, второ, понудила своја типологија на слободниот стих. Тоа е крупен чекор не само за стихологијата туку за филолошката наука воопшто“.
Книгата на 270 страници го проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап се прави обид да се дефинира слободниот стих, да се категоризираат неговите карактеристики и да се типологизираат видовите слободен стих. Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Урошевиќ, Ѓузел, Павловски и Ренџов. Книгата „Слободата на стихот“ претставува една од ретките научни публикации посветени на прашањето на слободниот стих.
Сузана В. Спасовска во моментов работи на својата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата. Досега објавила шест стихозбирки.
Comments