„Слободата на стихот“ – нова книга од Сузана В. Спасовска
Деновиве излезе од печат книгата „Слободата на стихот“, студија за македонскиот слободен стих од авторката Сузана В. Спасовска, а претставува магистерски труд на авторката, одбранет на Филолошкиот факултет во далечната 2002 година. Книгата е поддржана на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес за 2021 година, а е објавена како самостојно издание.
Рецензенти на изданието се професорите Венко Андоновски и Славен Јуриќ од Загрепскиот универзитет. Во рецензијата за оваа книга меѓу другото може да се прочита и следново:
„СПАСОВСКА НАПРАВИЛА ДВЕ НЕШТА: ПРВО, СУМАРИУМ НА ДОСЕГАШНАТА СТИХОЛОГИЈА НА БАЛКАНСКИВЕ, И ПОТЕСНО НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОСТОРИ И ВТОРО, ПОНУДИЛА СВОЈА ТИПОЛОГИЈА НА СЛОБОДНИОТ СТИХ. ТОА Е КРУПЕН ЧЕКОР НЕ САМО ЗА СТИХОЛОГИЈАТА, ТУКУ ЗА ФИЛОЛОШКАТА НАУКА ВООПШТО“.
На 270 страници се проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап се прави обид да се дефинира слободниот стих, да се категоризираат неговите карактеристики и да се типологизираат видовите слободен стих. Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Урошевиќ, Ѓузел, Павловски и Ренџов. Книгата „Слободата на стихот“ претставува една од ретките научни публикации посветени на прашањето на слободниот стих.
СУЗАНА В. СПАСОВСКА Е РОДЕНА ВО ЈУНИ, 1972 ГОДИНА ВО РОТЕРДАМ, ХОЛАНДИЈА. ДИПЛОМИРАЛА И МАГИСТРИРАЛА НА ФИЛОЛОШКИОТ ФАКУЛТЕТ „БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ ВО СКОПЈЕ. ВО МОМЕНТОВ РАБОТИ НА СВОЈАТА ДОКТОРСКА ТЕЗА ОД ОБЛАСТА НА ОРФИЗМОТ И ПОЕЗИЈАТА. ДОСЕГА ОБЈАВИЛА ШЕСТ СТИХОЗБИРКИ – „И ЉУБОВ И ЗАГОВОР“ (1996, МАКЕДОНСКА КНИГА), „СМРТНО ПИСМО“ (2004, БЛЕСОК), „БОЖЕСТВЕНА ЖЕНА“ (2006, ТЕМПЛУМ), „НИЗ ТЕМЈАНОТ, ЕДЕН ЛИЛЈАН“ (2014, АНТОЛОГ), „ПЕПЕРУТКА ОД ПЕПЕЛ“ (2018, САМОСТОЈНО ИЗДАНИЕ) И „ЈАЗИКОТ НА СВЕТЛИНАТА“ (2020, МАКЕДОНИЈА ПРЕЗЕНТ).
Comments