Сликите на Трајче Чатмов „ќе се читаат“ во родниот Велес
Сликите на македонскиот уметник Трајче Чатмов од 9 до 30 ноември ќе бидат изложени во Ликовниот салон во Велес, по повод Денот на ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор. Чатмов во родниот град се претставува по пауза од неколку години, но како што вели, ова претставување за него има посебно значење.
„Претставувањето во Велес е дел од серијата мои изложби во градовите низ Македонија. Претходно изложбата беше поставена во Скопје, Охрид и Куманово. Се работи за дела работени во изминатите две години. Претставувањето во родниот Велес за мене има големо значење. Се работи за моментот што сум роден и израснат во овој град и еве сега пред луѓето од родниот град ќе ги претставам делата. Отворањето на изложбата е на 9 Ноември – денот на ослободување на градот Велес од фашистичкиот окупатор“, вели Чатмов.
Пред велешани ќе бидат изложени околу четириесетина дела на авторот, а поставката ќе биде отворена за посета до 30 ноември.
Професорот Гоце Наневски за делата на Чатмов ќе рече: „Диктатурата е едно од местата во кои се создавало уметност. Медиумскиот „розов” мрак исто така. Мракот и светлината се услови во кои е подеднакво создавано. Мракот и светлината се како просторот и формата. Просторот ја дефинира формата. Сликарството кога е различно има можност да биде објаснето. Почитта е етички-ликовен момент. Сликарството има моќ да учи. Без учење нема сликарство. Рефлектирањето вон сликарството е утопија. Рефлектирањето во сликарството е историја или повеќе можни истории. Еднаш напишав: ‘Предзнаењата се одлични’ и ‘Легендите се за читање’. Сега дополнувам: ‘Читајте ги сликите на Чатмов!’”.
Самиот уметник, пак, во една од своите изјави за весникот ВЕЧЕР посочи: „Покрај тоа што сум творец, јас сум едноставно вљубеник во уметноста. Подготвен да експериментирам и да се обидам да разберам и навлезам во суштината на стилот што го работам. Никогаш не сум се оптоварувал со моментот на популизам или опасноста од навлегување во некој маниризам. Едноставно сум сликал онака како што јас сум сакал…“.
Comments