Сликарка од Аргентина доаѓа во Македонија поради фотографиите на Горан Анастасовски
Живее во Пилар, Бунеос Аирес, Аргентина. Марсела Пинтурас е Чилеанка по потекло, којашто веќе 20 години работи како професорка по уметност и како ликовен терапевт. Таа планира да ја посети Македонија специјално поради фотографиите од животни на Горан Анастасовски, кои го обиколија целиот свет. Неговите фотографии се причината поради која Марсела и нејзиниот сопруг зимава ќе ја посетат Македонија.
Фото: Приватна архива
Марсела инспирирана од овие фотографии, има направено неколку ликовни дела, кои јавноста во Буенос Аирес веќе ги има видено.
– Не знам точно колку негови фотографии имам насликано. Сигурно два-три. Тие се еден тигар и два или три јагуари. Според мене, инспирацијата во уметноста многу често доаѓа од очите. А ваквиот изглед на животните е нешто што само Анастасовски го доловува. Пред многу години проучував што гледаат луѓето најмногу на сликите со животни. Тие секогаш гледаат во очи, барајќи некаков израз – вели Марсела.
За себе вели дека е голем вљубеник во големите мачки, па не случајно ја имаат освоено токму овие фотографии. Сликите создадени по фотографиите на Анастасовски веќе си го имаат и најдено своите сопственици.
Фото: Приватна архива
– Едната, црно-бела слика на јагуар, е продадена минатата недела. Другата, наречено „Јагуари во брак“, на која се претставени два јагуари како се милуваат, се продаде пред една или две години. Тоа беше многу големо платно. А третиот, тигар во сепија, е во мојот дом и го чека новиот сопственик – вели Марсела.
Фото: Приватна архива
Уметницата работи и како ликовен терапевт, односно со сликањето им помага на луѓето со душевни заболувања.
– Порано работев во јавна болница со групи од по дваесет пациенти на кои им беше дијагностицирана психоза, поточно шизофренија. Работев со сите возрасти. Ја обожавав таа работа. Тие пациенти беа инспирација да почнам да студирам психологија и почнав годинава. Многу ме интересира менталното здравје на човекот. Во моментов речиси и немам време да сликам поради учењето, поради обврските и часовите по уметност со моите ученици и пациенти – зборува за себе Марсела.
Марсела со своите пациенти (Приватна архива)
Таа и нејзиниот сопруг планирале далечно патување, да откријат нови земји и култури.
– Една од варијантите на ова патување со мојот сопруг беа Шпанија и Португалија. Друга опција ни беше Африка, а третата источна Европа. Се решивме за последната варијанта затоа што ни се допадна. И кога ги гледавме мапите, читавме туристички водичи и решававме кои места да ги посетиме, се сетив на Анастасовски и неговите прекрасни фотографии и му пишав. Не би сакала да го посетам Скопје без да се запознаеме. Немаме сѐ уште точен план по колку ќе останеме во секоја земја – вели уметницата.
Фото: Приватна архива
За Македонија и Скопје вели дека има добиено информации од Интернет, како и од книгите за туризам.
– Моите очекувања кога ќе пристигнам во Македонија е да го запознаам најдобриот фотограф на светот и да ја посетам Скопската зоолошка градина за да направам фантастични фотографии од тие јагуари, чиј свет ми го отворија фотографиите на Анастасовски. Сигурно ќе ги посетам и реката Треска и езерото Козјак – вели Марсела.
Македонскиот фотограф Горан Анастасовски веќе неколку години ги освојува светските медиуми. Неговите фотографии, посебно од животните од Скопската зоолошка градина, се најдоа во престижни медиуми, како што се „Нешнал џиографик“, британскиот „Дејли мејл“, потоа Би-би-си, Еј-би-си, Си-ен-ен, „Инсајдер“, „Боред панда“, „Њујорк пост“, „Хафинготн пост“…
Comments