Слика од Клод Моне изложена во Париз, пред аукцијата во Њујорк
17.04.2024 April Sreda
Сликата на францускиот импресионистички сликар Клод Моне, наречена „Воденицата од Лимез“ со проценета вредност меѓу 18 и 25 милиони долари, е изложена во Париз, пред аукциската продажба во средината на мај во Њујорк, објави „Кристи“. Платното, насликано во 1888 година, прикажува воденица во Лимез, во близината на Живерни, во Нормандија, западна Франција, каде што Моне ги насликал своите познати водни лилјани. Сликата ги покажува и брегот на реката и гранките на дрвјата што се рефлектираат во водата.
– Постојат само две слики од оваа воденица што биле насликани во различни периоди од денот – изјави претставник на аукциската куќа.
Втората слика беше продадена на аукција во „Сотби“ лани во ноември за 25 милиони долари и се наоѓа во музејот „Барберини“ во Потсдам.
Тие две слики ја поставија основата за серијата слики на катедралата во Руан и стоговите сено што Моне ќе започне да ги слика од 1890 година.
Сликата што беше изложена во Париз беше купена од париската галерија „Дуран-Руел“ во 1891 година. Му била продадена на приватен колекционер во 1902 година. Потоа, во 1936 година, била во сопственост на американската филијала на галеријата „Дуран-Руел“, која е специјализирана за дела од импресионизмот. Подоцна, во 1986 година, сликата му била продадена на семејството Ата, кое ја изложило сликата во музеј во Канзас. Овие двајца сопственици сега ја продаваат сликата.
Продажбата ќе се одржи додека импресионистичкото движење ја слави својата 150-годишнина со настани низ Франција.
Клод Моне (1840-1926) стекнал светска слава со сликите „Стогови сено“, „Алејата на јаболката“, „Катедралата во Руен“ и „Водни лилјани“.
Comments