Слика на жена што држи „паметен телефон“ од 1860 година!
Корисниците на социјалните мрежи беа збунети од слика стара 162 години на која изгледа како жена да држи паметен телефон во рацете. Станува збор за дело на австрискиот сликар Фердинанд Георг Валдмулер, насловено „Очекување“, кое прикажува жена како шета низ живописен пејзаж и маж како клечи зад грмушка со цвет во рацете, очигледно ја чека, пишува „Њујорк пост“.
Од перспектива на луѓето од 21 век, изгледа како жената да се движи низ содржината на нејзиниот телефон додека оди, што е многу честа глетка денес. Сликата, меѓутоа, била завршена во 1860 година. Се разбира, има многу едноставно објаснување за илузијата. Жената на сликата не прелистува на социјалните мрежи, туку го чита својот молитвеник.
– Девојката од оваа слика на Валдмулер не си игра со својот нов ајфон икс, туку оди во црква држејќи мала молитвена книга – изјави Џералд Вајнполтер, извршен директор на уметничката агенција Аустриан-пејнтингс.ат.
Питер Расел, пензиониран функционер на локалната власт во Глазгов, беше првиот што привлече внимание на необичниот аспект на оваа слика. Тој за интернет-страницата „Мадерборд“ изјави дека ја видел сликата „Очекување“ ова лето, при посетата на музејот „Њу Пинакотек“ во Минхен, и дека добил желба да дознае нешто повеќе за неа. Тој истакна дека дискусијата за делото покажува колку се променило општеството во меѓувреме.
– Она што е најфасцинантно за мене е колку промената во технологијата ја промени интерпретацијата на сликата и ја направи релевантна на некој начин. Големата промена е во тоа што во 1850 или 1860 година, секој гледач на сликата би знаел дека предметот што толку многу го окупирал вниманието на девојчето е молитвеник. Од друга страна, денес никој не може да пропушти да ја види сличноста со типична тинејџерка што апсорбира содржини од социјалните мрежи на својот паметен телефон – додава тој.
Comments