top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Слем поетесата Елена Пренџова: Магијата на слемот е да се биде подеднакво добар и на хартија и на сц

10.12.2020 Декември Четврток

„Слемот е уметничка, демократска и недискриминирачка сцена што поддржува слобода на говор и активизам“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ слем поетесата Елена Пренџова која неодамна беше дел од меѓународното жири на 7. Европско слем-првенство кое се одржа во Словенија

„Да се биде слем-поетеса, односно слем-изведувачка значи токму тоа – да се биде поетеса и да се биде изведувачка и, секако, да се биде СЛЕМ. Тоа подразбира дека потребно е да се биде подеднакво добра и на хартија, но и на сцена. Балансот од овие две уметности, односно од овие два талента ја прави сета магија на слемот“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ слем поетесата Елена Пренџова која годинава беше дел од меѓународното жири на Европското слем-првенство кое на почетокот на месецов се одржа во Марибор, Словенија.

Таа заедно со поетот Денис Шкофиќ од Словенија, поетот Марио Томиќ од Австрија и поетот-изведувач Јан Малин од Естонија ги жирираше настапите на учесниците од 19 земји на седмото по ред Европско слем-првенство на кое од Македонија настапи, односно се натпреваруваше Игор Трпчески.

Запрашана за годинешното издание, Пренџова истакна дека ова, седмо по ред Европско слем-првенство за првпат во историјата на слемот заради пандемијата се одржало онлајн. „Онлајн форматот влијаеше на природата на настапите. Вообичаено за слем-настапите е да се во живо и да имаат интеракција со публиката, но годинава учеството беше преку слем-видеа, а публиката беше ангажирана само преку онлајн гласање, како петта членка на жирито. Искрено, беше ново искуство за сите нас, независно која улога ја имавме, но мислам дека сиот настан помина забележително, професионално, и што е најважно, забавно“, вели таа.

Пренџова нè потсети и дека Македонија на Европското слем-првенство со свои претставници учествува од 2014 година, со настапот на националната слем-победничка Афродита Николава. По неа, на Европското слем-првенство настапиле и Пренџова (2016), Игор Трпчески (2017), Марија Грубор (2018), а оваа година, по вторпат, Трпчески ја претставувал Македонија. „Националните слем-победници/победнички се бираат на традиционалниот Национален слем-натпревар што се одржува секоја година во Прилеп во организација на Поетри-слем тимот на Македонија, односно здружението на граѓани ‘Театарска работолница’ – Прилеп“, додава слем поетесата.

Таа посочува и дека интересот на публиката за следење слем настани во Македонија е сè поголем. „Има и интересот сѐ повеќе расте. Слемот во Македонија има верна слем-публика, а нејзиниот број се зголемува од година в година. Националниот слем-натпревар во Прилеп е посетен од публика од целата држава. И не само тоа, од година в година се зголемува и бројот на нови натпреварувачки-дебитантки и натпреварувачи-дебитанти. Слемот е уметничка, демократска и недискриминирачка сцена што поддржува слобода на говор и активизам. Македонската слем-сцена отсекогаш им посакува добредојде на сите оние кои имаат желба да бидат дел од неа“, додава таа.

Пренџова се потсетува дека за првпат со слем се сретнала во 2010 година, на слем-работилница во Тетово. „На работилницата ментор ни беше германско-иранскиот слем-поет и изведувач Мишел Абдулаи ака Мајкл Џеј кој е домаќин на свое слем-шоу во Германија. Откако ја завршив задачата што ни ја зададе и ни ги постави насоките како да се изведе, сите ние во засебен дел од просторијата имавме можност да пробаме како ќе ги изведеме нашите текстови. Тој стоеше во средината на училницата и нѐ слушаше. Во еден момент се заврте кон мене и ме покажа со прстот: ‘Е, ова е слем!’ Претпоставувам дека слемот ме пронајде мене и јас само го прифатив и продолжив во таа насока“, истакнува таа.

Инаку, првиот натпревар на слем-поезија е одржан во Чикаго во 1984 година организиран од страна на таткото на слемот – „слем папи“ Мајкл Кели Смит.

„Со Мајкл Кели Смит имав можност да соработувам на првиот слем-фестивал на поранешните југословенски простори одржан во Целје, Словенија во 2018 и на Европското слем-првенство во Будимпешта, Унгарија истата година каде на учесничките и учесниците ни менторираше работилници за слем-изведби во ансамбли. Инаку, тековно се формира светска слем-платформа каде за првпат се обединуваат сите национални слем-сцени од сите континенти. Македонија, секако, е една од членките на таа платформа“, додава Пренџова.

Игор Трпчески: Годинава ми фалеше публиката и магијата на изведбата

На Европското слем-првенство по вторпат од Македонија настапи Игор Трпчески. Запрашан за впечатоците околу годинешното онлајн издание Трпчески вели дека како професионален актер кој долго време е на сцената, секогаш преферира настапи во живо, пред публика. „И од тој аспект ми фалеше директната комуникација со публиката и магијата на изведбата овде и сега, поточно важноста на моментот. Инаку, во врска со гласањето, секако дека го почитувам мислењето на другите, а и поентата на слемот не ја гледам во тоа да се победи или да се изгуби, туку да се биде дел од европскиот слем-колектив. Еве, јас, на пример, излегов последен, но последен од најдобрите. Несомнено дека истите изведувачки и изведувачи би освоиле поинакви места доколку би биле гласани од друго жири и токму затоа најважното во слемот не е гласањето или победата, туку дружењето и забавата што оваа година за жал недостасуваше“, вели Трпчески.


4 views

Comments


bottom of page