top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Следува првата контролка со Кувајт во пресрет на ЕП 2022

РАКОМЕТ – ПОДГОТОВКИ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ВО МАВРОВО

По петдневни подготовки во Маврово, македонската ракометна репрезентација денеска од 18 часот ќе го има првиот тест-меч со селекцијата на Кувајт, во рамките на подготовките за настап на Европско првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка (13-30 јануари 2022). Вториот натпревар во Маврово со истата селекција е закажан за в среда од 16 часот, додека две средби со Израел, Македонија треба да одигра во Скопје на 3 и на 4 јануари. – Подготовките се одвиваат на високо ниво. Максимално сме фокусирани на главната цел, а тоа е претстојниот настап на Европското првенство. На почеток сме од подготовките, владее професионална атмосфера и се работи од секој можен аспект. Условите за работа во Маврово се врвни, како што заслужува една репрезентација. Што се однесува до Кувајт, што ќе биде и наша прва контрола, се работи за квалитетен ривал, кој ќе ни покаже до каде сме со моментната форма. Најважно во оваа фаза е сите да останеме здрави – ни изјави репрезентативното лево крило Бојан Маџовски.

Репрезентацијата на Кувајт веќе одигра два контролни дуела, во Подгорица со Црна Гора, репрезентација што е во групата со Македонија. Црна Гора ги доби и двете средби, со 29-27 и со 28-17. Во отсуство на селекторот Зоран Рогановиќ, поради клупски обврски во Шведска, репрезентацијата ја водел Драшко Мрваљевиќ. Васко Шеваљевиќ бил најефикасен на вториот меч со седум гола, а Мирко Радовиќ впишал четири. Не настапиле Милош Божовиќ, Небојша Симовиќ и Филип Вујовиќ, а мечот предвреме го завршил Радоица Чепиќ, пишуваат тамошните медиуми. И вториот ривал за едно од двете места во групата на ЕП 2022, каде што е и светскиот првак Данска, Словенија, вчера ги почна подготовките. Селекторот Љубомир Врањеш не ќе може да смета на тројца ракометари, Урбан Лесјак (Хановер), Урх Кастелиц (Гепинген) и Миха Зарабец (Кил), кои ќе се приклучат од 2 јануари. Словенија во првиот дел од подготовките ќе одигра пријателски меч со Хрватска, а на 5 и на 7 јануари со Италија, пишуваат словенечките медиуми. Словенија на ЕП 2019, на кое ги предводеше Врањеш, го освои четвртото место, а на СП 2021 беше на деветтата позиција. На ЕП 2022, македонската репрезентација во групата А прво ќе игра со Словенија на 13 јануари, два дена подоцна со Црна Гора, а на 17 јануари со Данска. Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза.


0 views

Comments


bottom of page