top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Славниот диригент Зубин Мехта ќе гостува во Скопје

На 24 јуни, со почеток во 20 часот, во концертната сала на Македонската филхармонија ќе гостува Белградската филхармонија предводена од славниот маестро Зубин Мехта, во рамките на иницијативата Отворен Балкан. Маестро Зубин Мехта, еден од најголемите диригенти на денешнината и најзначаен пријател на Белградската филхармонија, е докажан авторитет во иницирањето на изградбата на мостови меѓу различните култури. Со својата единствена енергија и визија придонесе во рушењето на голем број бариери користејќи ја моќта на музиката. Маестро Мехта со голем ентузијазам ја поддржа иницијативата Отворен Балкан меѓу Србија, Албанија и Македонија, а заедно со Белградската филхармонија ќе ѝ приреди врвно музичко доживување на публиката во овие земји.

Покрај концертите во Белград (20 јуни) и во Скопје (24 јуни), Белградската филхармонија ќе одржи и концерт во Тирана (22 јуни), а на програмата на трите концерти, Мехта ќе го предводи оркестарот на Белградската филхармонија во изведбата на Симфонијата бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз.

Со своите 87 години, маестро Мехта важи за еден од најзначајните диригенти на светската музичка сцена, на која е присутен повеќе од 60 години со своите настапи, кои денеска важат за историски. Концертот со кој Белградската филхармонија одбележува и 100 години од основањето ќе биде негов 11-ти настап со овој оркестар. Последен пат со Белградската филхармонија настапи во 2021 година по повод одбележувањето шест децении од неговиот прв настап, кој наедно бил и негово деби. Зубин Мехта одржал голем број добротворни концерти, а исто така го поддржа и беше дел од проектот „Пика – точка – тачка“, инициран од страна на Белградската филхармонија преку соработка со Загрепската и Словенечката филхармонија, преку кој се зајакнаа културната и економската соработка, како и добрососедските односи во регионот. В.Д.


1 view

Comentarios


bottom of page