Славни личности што кралицата Елизабета Втора ги прогласи за витези и дами
Елизабета Втора во текот на своето владеење додели многубројни медали од Кралскиот викторијански ред, а некои од нив добија и познати и славни личности. Еден од музичарите што ја доби титулата сер е секако славниот „битлс“ Пол Макартни. Мекартни ја доби честа во 1997 година, неколку децении по крајот на битлманијата. Во таа пригода изјави дека се гордее што е Британец и дека поминал долг пат „од малата тераса во Ливерпул“, а титулата им ја посвети на своите колеги од бендот. Следната година таа го прогласи Елтон Џон за витез. Тој ѝ беше долгогодишен пријател на принцезата Дијана. Џон ја доби титулата за неговото музичко дело, но и за неговото добротворство. „Исклучително се гордеам. Ја сакам мојата земја и мило ми е што ме препознаваат на овој начин“, изјави пејачот. На почетокот на милениумот кралицата ѝ ја додели титулата дама на актерката Елизабет Тејлор за нејзината уметничка работа, но и за нејзиниот придонес во истражувањето на сидата. Неколку години подоцна, во 2003 година, актерката Хелен Мирен исто така беше прогласена за дама. Таа призна дека на почетокот се двоумела во врска со прифаќањето на титулата бидејќи не сакала да биде дел од естаблишментот, но на крајот ја прифатила поради сеќавањето на нејзините родители. Мирен ја глуми Елизабета Втора во филмот „Кралицата“ од 2006 година. За оваа улога таа доби „Оскар“. Еден од познатите што кралицата го прогласи за витез, а кој не е од светот на музиката или филмот, е Бил Гејтс. Основачот на „Мајкрософт“ стана почесен витез во 2005 година за неговата посветена филантропија. Анџелина Џоли стана почесна дама истата година. Кралицата ја почести за нејзината хуманитарна работа и борбата против сексуалното насилство. „Ова признание ми значи многу бидејќи сакам да го посветам целиот мој живот на борбата против сексуалното насилство“, изјави Џоли за Би-би-си во таа пригода. Меѓу прогласените титула дама добија и Ема Томпсон, Џуди Денч, Меги Смит, Хелен Мирен, Лиз Тејлор и Џули Ендрјус, а сер добија Пол Макартни, Мик Џегер и Мајкл Кејн. Во 2017 година главната уредничка на „Вог“, Ана Винтур, беше прогласена за дама. Кога кралицата Елизабета ѝ го подари брошот на Винтур, монархињата се потруди да го закачи на облеката на славната уредничка. Винтур ги извади препознатливите очила, што се случува многу ретко или никогаш, за да ја прифати честа. „Очигледно, ова е град во кој пораснав, град кон кој имам толку многу наклонетост и љубов“, изјави тогаш Винтур за „Гардијан“. „Секогаш е прекрасно да се добие награда, но оваа е екстра посебна“. Луис Хамилтон, седумкратниот светски шампион во Формула 1, беше прогласен за витез за неговите заслуги во мотоспортот на церемонија во замокот Виндзор на 15 декември минатата година.
Comments