Скулптурите на Петар Хаџи Бошков ќе го направат древното Стоби – жив град
15.09.2021 Septemvri Sreda
„Изложбата на Хаџи Бошков е голем предизвик за нас. Имаме за цел да го приближиме стариот заштитен свет кон модерната доба. Археолошкиот локалитет Стоби е релативно нова институција во рамки на културата на РСМ и тоа е предност на локалитетот, бидејќи, иако археологијата, конзервацијата и заштитата се примарни дејности во Стоби имаме можност да пробиваме нови простори и времиња за да го приближиме овој стар заштитен со закон свет кон современото доба“, посочува Спасе Перовски директор на НУ „Стоби“ и иницијатор на изложбата, која ќе биде отворена на овој локалитет на 18 септември, во 18 часот
Во рамките на долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“ на овој древен локалитет ќе бидат претставени четириесетина репрезентативни дела на еминентниот македонски вајар Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015). Според директорот на локалитетот Спасе Перовски, кој е и иницијатор на изложбата што ќе биде отворен на 18 септември (18 часот), целта е преиспитување на врската меѓу антиката и модерното, а посетителите на локалитетот до 11 октомври ќе имаат можност поблиску да се запознаат со творештвото на големиот уметник кој оставил неизбришлива трага на македонската ликовна сцена.
„Изложбата на Хаџи Бошков е голем предизвик за нас. Имаме за цел да го приближиме стариот заштитен свет кон модерното доба. Археолошкиот локалитет Стоби е релативно нова институција во рамки на културата на РСМ и тоа е предност на локалитетот, бидејќи, иако археологијата, конзервацијата и заштитата се примарни дејности во Стоби имаме можност да пробиваме нови простори и времиња за да го приближиме овој стар заштитен со закон свет кон современото доба“, посочува Перовски. Тој додава дека самата изложба на Петар Хаџи Бошков е во контекст на идејата за „Стоби –жив град“.
„И не само со оваа изложба туку се случувале и други активности кои овој аспект го доближувале до останатите посетители. Поентата е од археологијата и конзервацијата, која е примарна дејност во секторот заштита, да преминеме во друг простор, од сектор заштита во сектор современа“, вели меѓу другото Перовски. Самата поставка е составена од дела кои опфаќаат четиридецениски творечки период на уметникот од 1962 до 2004 година. Благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков, тие се позајмени од ателјето. Делата се поставени поединечно или во групи и ќе можат да се видат на 24 различни точки низ локалитетот (полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар, Храмот на Изида и Серапис, како и големиот неистражен простор до Градбата со Арки…).
Пред посетителите ќе бидат презентирани и неколку дидактичко-едукативни пунктови, од кои едниот ќе биде простор во кој ќе бидат изложени модели и ситна пластика од студиото на Хаџи Бошков, како и посебен простор за проекција на документарен видеоматеријал.
„Со оваа поставка сакаме да го преиспитаме каков е нашиот однос кон модерното наследство, наспроти односот кон културно наследство, кое опфаќа повеќе епохи. Правиме обид на несекојдневен спој со цел да се отворат прашања, кои можеби не би се отвориле во затворените галериски простори. Постои една важна линија во опусот на Хаџи Бошков, а тоа е неговиот однос со отворениот простор и амбиентот. Многу од неговите скулптури се на несекојдневни позиции лоцирани, преку кои, авторот сакал да акцентира на кој начин тие коегзистираат со средината. Интимно верувам дека е тоа недоостварена желба на авторот и со оваа изложба во негова чест правиме обид да му го овозможиме тоа со еден постхумен омаж“, вели кураторот и автор на концептот Владимир Јанчевски.
Петар Хаџи Бошков е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век. Човек со интернационален дух и отворен светоглед, школуван во повеќе значајни центри, меѓу кои Љубљана, каде што дипломирал, и Лондон, каде што специјализирал на Кралскиот колеџ за уметност. (Д.Т.)
Comentarios