top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Скулптурите на Жарко Башески во МАНУ

Самостојна изложба на проф. Жарко Башески ќе биде отворена на 15 септември (среда), во Македонската академија на науките и уметностите. Башески е професор на Факултетот за ликовни уметности – катедра вајарство.

Во рамките на изложбата ќе бидат поставени скулптури од неколку циклуси. Публиката ќе има можност да погледне постари дела што претходно не биле изложувани во Македонија, вклучувајќи и скулптури изложувани во Њујорк, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Мексико, како и сосема нови, претходно никогаш неизложувани дела.

Изложбата вбројува скулптури изработени во мермер, полиестер и силикон.

Кураторка на изложбата е Натали Рајчиновска Павлеска, а настанот ќе биде отворен со текст на академик Венко Андоновски.

Жарко Башески, роден 1957 година во Прилеп, е македонски скулптор и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Неговото гледиште во творештвото е свртено кон човечкото, па оттука и интересот за хиперреалистичен пристап во обликувањето на концептот на делото, кој во теоретската проекција го надминува хиперреализмот, зборува за животот и светот во кој живееме. Во неговата работа има неколку елементи што се нови во светот на скулптурата и тоа го прави неговото најново дело различно: концептот, современите погледи на човековата состојба преку самонабљудување, техничко производство и употреба на нови материјали (смола, полиестер, полимермер, силикон, природна коса), хиперреалистичниот третман, големината на делото, филозофскиот пристап – сето тоа, кога се комбинира во едно, нуди повеќеслојно читање на уметничкото дело.

Поранешен член е на Националниот одбор за акредитација и евалуација, Сенатот на УКИМ и Интеруниверзитетската конференција. Од 1999 до 2009 година бил раководител на Катедрата за скулптура на Факултетот за ликовни уметности. Неговото дело е претставено на повеќе меѓународни изложби. Добитник е на голем број награди. Голем дел од неговото творештво е во приватни колекции во земјата и во странство.


1 view

Comments


bottom of page