top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Скулптурата „Храм“ на Жарко Башески стои оштетена во центарот на Скопје

02.07.2021 Juli Petok

Скулптурата „Храм“ на скулпторот Жарко Башески стои оштетена во центарот на градот. Во периодов на актуелни горештини и на светска пандемија на ковид-19, малку кој од минувачите го забележува нејзиниот драстично променет изглед, можеби и поради зеленилото во малото паркче пред зградата каде што се наоѓа, поточно пред зградата на нејзиниот сопственик, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје. Не е познато кој го оштетил ова уметничко дело што авторот го изработил од приделкан камен (бигор), од речен камен, со црвени тули, со метален лак од инокс, кој ги турнал камењата што лежат на земја, кој на дел од ѕидот со тули прскал со спреј. Сликата што ја забележивме е грда, а од дирекцијата се надеваат дека на скулптурата ќе ѝ ги вратат првобитната форма и изглед. – Пред 23 години, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје иницираше проект за поставување скулптури од наши познати автори на отворените простори во градот, со цел нивно облагородување. Па, така, на 26 јули 1998 година на платото пред Македонската опера и балет беше поставена скулптурата „Расцутување“ од Петар Хаџи Бошков. Веќе следната година на 8 декември 1999 година во специјално подготвениот парк на булеварот Св. Климент Охридски беше поставена скулптурата „Храм“, чиј автор е Жарко Башески. И двете скулптури се подарок од авторите на својот град. Поставувањето на овие две скулптури наиде на одобрение и поддршка од граѓаните на Скопје и јавноста воопшто. Но, за жал, морам да кажам дека сите не размислуваат така. Некои наши сограѓани својот бес и ароганција ги „празнат“ на скулптурите, што конечно може да се види и со други скулптури и споменични обележја.

Па, така, најпрво беше ишарана скулптурата „Расцутување“, па затоа во соработка со Националната галерија на Македонија таа беше преместена во дворот на „Даутпашиниот амам“. Нешто слично кон крајот на минатата година се случи и со скулптурата „Храм“. Едноставно камениот нејзин дел од некои вандали беше урнат. Да беше тоа некој обичен ѕид или нешто слично, досега сигурно ќе беше санирано. Но не е така. За реставрација и враќање во првобитната ситуација на скулптурата, потребни се специфично знаење и умешност. Во овој процес секако дека ќе биде потребно своја помош и насоки да даде и авторот, господинот Башевски – вели Никола Глигоров, директорот на Дирекцијата за култура и уметност. Тој напоменува дека тие, како невладина и непрофитна организација, веќе се обиделе да најдат начин за реставрација, но за жал, не наишле на разбирање таму каде што се обратиле. Но нагласи дека нивните напори ќе продолжат во таа насока и дека се надева дека „укажувањето на ’Нова Македонија‘“ ќе им помогне во тоа.

– За тоа дека скулптурата е турната разбрав пред една година и веднаш се распрашав кај Дирекцијата за култура и уметност што поточно се случило. Тогаш разбрав дека таа била во таква состојба од пред една година претходно, значи две години никој не реагирал. Инаку, тоа е моја донација на Град Скопје, а е реализирана заедно со дирекцијата. Ваква неодговорност е неразбирлива за никого, а најмалку за мене како автор на делото. Не знам како да се реши овој проблем (што би чинело најмногу 200 евра), но ако решат што било, барем мене да ме информираат – вели авторот Жарко Башески. Изјавите и на Глигоров и на Башески во овој момент не навестуваат дека за кратко време проблемот ќе може да се реши, но очигледно е дека повеќе од потребна е поголема транспарентност за состојбата со ова дело и поголема заинтересираност и на надлежните за културно-уметничките случувања во главниот град.


3 views

Comments


bottom of page