Скулптурата „Обичен човек“ на Жарко Башески на НФТ-аукција
30.09.2021 Septemvri Cetvrtok
Македонскиот уметник познат по своите хиперреалистични скулптури, Жарко Башески, ќе ја има својата прва дигитална НФТ-аукција со делото „Обичен човек“, една од неговите најпознати скулптури. Иако повеќето хиперреалистични дела, извајани од Башески, се бесценети и можат да си ги дозволат само богатите приватни колекционери на уметнички дела, Башески цели да ја направи својата уметност достапна за јавноста, со тоа што креира дигитални НФТ-верзии од своите познати дела. – Делото „Обичен човек“ ќе биде ставено на аукција како дигитална уметност преку најголемата платформа за НФТ-уметност, Опенсеа.ио (Opensea.io). Ова е мое прво дело што влегува во светот на НФТ-уметноста. Само едно парче ќе биде продуцирано, што го прави ова дело уште повредно за колекционерите на дигитална уметност. Аукцијата ќе започне утре (први октомври) и ќе трае една недела. Сите заинтересирани љубители и колекционери на уметност можат да ја посетат „Окс галеријата“ на платформата „Опенсеа“ и да учествуваат на аукцијата што ќе се базира на криптовалутата етериум – вели Башески. Скулптурата „Обичен човек“ во моментов е изложена во Брисел, а претходно беше дел од изложбата во музејот „Ла Бовери“ во Лиж, Белгија.
Повеќе од 30.000 посетители, многу од нив сосема голи, беа сведоци на извонредната скулптура што го претставува човечкото тело во неговата најчиста форма. Ова познато хиперреалистично дело патуваше низ светот на многу изложби, а следни градови на листата се Лион, Парис и Милано. Жарко Башески е македонски скулптор и професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Гледиштето во неговата работа е свртено кон човечкото, па оттука и интересот за хиперреалистичниот пристап во обликувањето на концептот на делото, кој во теоретската проекција го надминува хиперреализмот, зборува за животот и светот во кој живееме. Во неговата работа има неколку елементи што се нови во светот на скулптурата и тоа го прави неговото дело различно: концептот, современите погледи на човечката состојба преку самонабљудување, техниката на производство и употреба на нови материјали (полиестер од смола, полимермери, силикон, природна коса), хиперреалистичниот пристап, големината на делото, филозофскиот пристап, оваа уникатна комбинација нуди повеќеслојно читање на уметничкото дело.
НФТ е новина во дигиталната уметност
НФТ претставува новина во дигиталната уметност. Последната продажба во март на едно НФТ-дело, колаж на уметникот Бипл, преку аукциската куќа „Кристис“ за речиси 70 милиони долари, придонесе за брза популаризација на НФТ-уметноста. НФТ е дигитален токен што содржи двојна вредност: како форма на криптовалута и како форма на уметност или култура. Во јуни се одржа и второто издание на меѓународниот саем за дигитална уметност и криптоколекции „Кадаф“. На саемот беа претставени сто светски уметници активни во современите дигитални уметнички медиуми, како што се вештачка интелигенција, виртуелна реалност, генеративна уметност, видеоарт, НФТ и др. Се одржаа и предавања, дебати и проекции.
Популарноста на криптовалутата наречена НФТ расте и ја става дигиталната уметност во фокусот. Станува збор за продажба на уметнички дела достапни во дигитална форма, на кои можете едноставно да кликнете на „Зачувај како…“. Кога купувате дигитално уметничко дело добивате и сопственост на тоа, што не е случај со класичното преземање (даунлодирање). НФТ овозможува да купувате и продавате сопственички права на уникатни дела од дигиталниот свет, а можете да следите и кој моментално ги поседува. Добивате и уникатен сертификат за сопственост. Оваа берза открива и досега непознати уметници чии дела во некој момент може да вредат многу повеќе отколку денес.
Comments