Скот Нисон ја замени филмската индустрија со хуманост
Пред десетина години во Пном Пен, за време на снимањето на еден филм, 86-годишна Камбоџанка го повлекла за рака тогашниот извршен директор од Холивуд, Скот Нисон, и го одвела да ги види трите деца што спијат на блиската депонија, болни од тифус.
Тогаш му заѕвонил телефонот и од другата страна го слушнал гласот на еден популарен глумец, кој бил несреќен бидејќи во приватниот авион ја немало водата што тој ја пие. – Мојот живот не треба да биде тежок на тој начин – му рекол глумецот на директорот, кој во тој момент ги гледал камбоџанските деца како се борат за живот. И токму тогаш Скот Нисон, бившиот прв човек на компанијата „20 Сенчери фокс интернешенел“, одлучил да го напушти Холивуд. Ги продал вилата, „поршето“ и јахтата, па се вратил во Камбоџа со цел на тамошните деца и на нивните семејства да им овозможи покрив над главата, да ги нахрани и едуцира.
Во моментот тој се грижи за повеќе од 1.000 камбоџански деца и за нивните семејства. Досега тој исшколувал 2.257 деца, изградил 80 куќи, излекувал 40.000 најсиромашни, а во рамките на неговата програма безбедно и здраво дошле на свет 914 деца. Во моментот кога се повлекол од Холивуд, Нисон заработувал милиони долари годишно, плус бонуси, а сега е почесен татко во голем број семејства во Камбоџа.
Поголемиот дел од парите го вложил во основање хуманитарни организации, преку кои сега заработува 87.000 долари годишно. Донирал 500.000 долари за да се основа посебна организација за заштита на децата од сексуална експлоатација и присилна работа, а 120.000 долари подарил за борба против глобалното загревање. Голем број од децата за кои се грижи не знаат кога се родени, па Скот за сите на 1 јануари организира забава и сите заедно слават.
Comments