Скопје ќе се збогува од Аки Рахимовски
25.01.2022 januari Vtornik
Скопје ќе се збогува од Аки Рахимовски
На 26 јануари, среда, ден пред неговиот погреб во Загреб, Скопје ќе го испрати својот сограѓанин и пријател, легендарниот фронтмен на групата „Парни ваљак“ и најдобриот рок-вокалист во поширокиот регион - Аки Рахимовски. Поради епидемиолошките ограничувања, последното испраќање на Аки се организира на Градскиот плоштад, кај тревникот пред „Пелистер“, каде ќе биде отворена книга на жалост и ќе се слушаат неговите песни. Сите пријатели, обожавателите на неговата музика и почитувачите на неговата работа ќе можат од 13 часот да се запишат во книгата на жалост, да положат цвеќе или да запалат свеќа во чест на нашиот Аки. Главното собирање се планира од 18 до 19,30 кога хорови, пејачи и пријатели заеднички, за збогување, ќе отпеат некои од најголемите хитови на „Парни ваљак“. „...Тужна ја наша улица од када ниси ту Јер тужну песму пјевају они што остају...“. Последното збогување со Аки Рахимовски го организира Радио бубамара со поддршка КЛС саунд и Град Скопје. На Градскиот плоштад ќе ја слушнеме и песната „Ако згрешам, нека изгорам“ на Пепи Бафтировски, која Аки во клавирска придружба ја сними пред пет години во студиото на „Тавитјан брадерс“. Тоа е неговата последна снимка кај нас. Неделава, оваа песна се емитува како хит на Бубамара радио.
Comments