Скопје се сеќава на најтрагичниот ден - 60 години од катастрофалниот земјотрес
Скопје се сеќава. 60 години години од катастрофалниот земјотрес кој го разурна главниот град. За само 20 секунди, во 05:17 миниту згаснаа 1070 животи.
Првата помош пристигнала од војската и жителите на тогашните југословенски републики. А подоцна Скопје ќе стане град кој ќе ги обедини Истокот и Западот. 87 држави од светот ќе помогнат Скопје да се издигне од пепелта како феникс.
Денеска се е во знакот на разорниот земјотрес. Уште наутро делегации положија свежо цвеќе на Градските гробишта во Бутел.
Во Собранието се одржа седница за одбележување на катастрофалниот земјотрес. А премиерот вели дека денеска Скопје потсетува на сите држави кои помогнаа Скопје повторно да никне.
-Речиси секоја зграда, секој дел, улица во Скопје е споменик на солидарноста. Над 80 земји оставиле толку многу зад себе. Тафталиџе, Маџари, Ѓорце, Козле, Центар, засекогаш ќе се сеќаваат на долгите списоци на објекти, училишта, поликлиники, станови, бараки, подарок од целиот свет.
Во Музејот на современа уметност беше отворена дигитална изложба на Државниот архив „Подемот и падот на Скопје“.
Претседателот на државата вели дека земјотресот бил причина за да се роди дотогаш не видена емпатија.
-Скопје по 26.07.1963 почнува да создава можности за раскажување на поинакви урбани приказни на модерноста. Зборот солидарност почнува да доминира во нашиот јазик. Луѓето покажуваат дотогаш не видена грижа едни за други. Светот, идеолошки поделен на Исток и на Запад се обединува за еден град кој никогаш нема да биде ист, вели претседателот на државата, Стево Пендаровски.
И додека скопјани се уште чувствуваат болка за најстрашната несреќа во поновата историја на Македонија, Скопје денеска полека, но сигурно, станува симбол на бетонизација, непланско градење и борба меѓу градежните компании за стан повеќе.
Comments