top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Скопје пулсира во ритамот на културата, 19-тата „Бела ноќ“ ги наполни културните јадра

Традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“ се одржа изминатата сабота на повеќе од 18 локации во Скопје. Скопјани и посетителите имаа можност да уживаат во музички концерти, изложби, проекции, поетски читања и перформанси.

Централната манифестација се одржа пред Порта „Македонија“, каде што скопјани уживаа во композициите од маестро Кире Костов, кои беа изведувани од Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски, придружувани од „Биг бендот“, под диригентската палка на Љупчо Мирковски, и специјално визуелно шоу со 3Д на самата порта. Настанот го посетија илјадници граѓани, а ЈУ Универзална сала додели плакети за трајни вредности „Кире Костов“ на неговата фамилија, како и на Бобан Мирковски. Како претходница можеше да се чуе рок-концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“ на класата ученици од 10 до 18 години.

На „Школка“ во Градскиот парк можеше да се чујат и видат: групата „Педро хоризонте“, „Стефан Петановски бенд“,„ Занаду бенд“, „Димиш бенд“ и диџеите: Раста Грл, Чарли и Јаска.

Во ГТЦ беше поставена изложбата „Игри и мечтаења“ од Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во Факултетот за драмски уметности се гледаа повеќе театарски престави, како и филмска и музичка програма. На плоштадот Филип Втори граѓаните ужива во изведбите на македонските традиционални ора од повеќе културно-уметнички друштва.

Во Кинотеката на Македонија можеше да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, во галеријата „Остен“ беше поставена изложбата „Право на јавни простори“ од Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ. Во Капан ан беше прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска-Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ беше поставена изложбата „Култура во кутија на Доминиум културно јадро“. Во ноќниот клуб „Пјур“ се одржа последната вечер на „Скопје фешн фестивал“, каде што се прикажаа модните дизајнери Ивана Кнез, Џорџе Башаревиќ, Бошко и Цеце Т.

Програмата ја збогатија и културните институции со блескава програма: Културно-информативниот центар – Скопје, Детскиот културен центар „Карпош“, Музејот на град Скопје, Музејот на современата уметност, Библиотеката „Браќа Миладиновци“, НУ Национална галерија, НУ Музеј на македонската борба и самостојност и НУ Турски театар.

Настанот беше во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје, а е дел од богатата културна понуда на Град Скопје како европска престолнина на културата 2028.







0 views

Comments


bottom of page