top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Скопје одново ќе пулсира во ритамот на маратонот

30.09.2021 Septemvri Cetvrtok

В НЕДЕЛА 17. СКОПСКИ МАРАТОН

Воопшто не е лесно да се организира една ваква трка во услови на пандемија на коронавирус, со многубројни медицински и други безбедносни протоколи, но, сепак, се надевам дека сѐ ќе биде во најдобар ред и оти в недела Скопје ќе пулсира во ритамот на маратонот. Ќе недостигаат елитните тркачи, па затоа фокусот на интересирањето ќе биде насочен кон домашните маратонци, за кои оваа трка ќе биде и државно првенство. Пријавени се над 7.000 учесници од четириесетина земји, не знаеме колку од нив ќе дојдат, но се надеваме на масовност. Апелирам до скопјани в недела да излезат на улиците и да им дадат поддршка на маратонците, рече на вчерашната средба со новинарите, директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски. Стартот (осум часот) и целта на трката ќе бидат на платото пред влезот на спортскиот центар (СЦ) „Борис Трајковски“. Се трча во насока кон Ѓорче Петров, потоа назад низ центарот на градот до Ново Лисиче (два круга тие што ќе учествуваат на маратонската трка). Заради подобра организација на целиот настан, направена е промена за трката на пет километри, која наместо в сабота, како што беше предвидено, ќе се одржи в недела, заедно со другите трки, во маратон, полумаратон и во штафетен маратон.

Македонија на маратонот ќе има 24 претставници, 16 во машка и осум во женска конкуренција, меѓу кои се македонската рекордерка Адријана Поп Арсова, Весна Кираџиева, Дарио Ивановски, Александар Кираџиев, рекордерот и ветеран Трпе Мартиновски, Марјан Бонев, Игор Јакимовски итн. Најголеми фаворити за висок пласман се Поп Арсова и Ивановски, кој лани на првиот маратон во кариерата беше втор во генералниот поредок (2:31,16 часа), а сега се надева дека ќе биде првиот Македонец што оваа делница ја истрчал под 2,20 часа. Македонски рекордер е Трпе Мартиновски (2:25,06 часа, истрчани во 2000 година во Нови Сад, Србија). Поп Арсова, државната рекордерка на 5 и на 10 км, во полумаратон и во маратон, лани беше втора, со време од 2:58,14 часа. – Во одлична форма сум, се надевам на добра трка и на нов македонски рекорд. Лани имав силни грчеви во стомакот во вториот дел од трката, но верувам дека годинава нема да се случи тоа. Маратонот е празник за градот и најдобро се трча на домашен терен. Временските услови треба да бидат добри, што е битно кога станува збор за една ваква трка – вели Поп Арсова.


1 view

Commentaires


bottom of page