„Скопје вибрира“ – попап-изложба на дизајн и визуелни уметности
22.07.2024 Juli Ponedelnik
Од утре до 1 август „Лабораториум“ и „Лаб дизајн маркет“ ја покануваат скопската публика на настанот „Скопје вибрира“ – попап-изложба на дизајн и визуелни уметности. На изложбата ќе учествуваат млади и досега релативно непознати имиња во сферата на дизајнот, рачните изработки и визуелните уметности, за кои градот Скопје има битно значење и е тема и инспирација во нивната работа. Настанот ќе им даде можност за презентација на новите таленти и ќе даде увид во тоа што значи градот Скопје за една генерација креативци што го почнуваат нивниот професионален пат во полето на креативните индустрии, современата уметност и перформативните уметности.
„Скопје вибрира“ е повеќедневен настан во организација на културниот центар „Лабораториум“, лоциран во индустриската хала на поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“ и, покрај попап-изложбата, ќе понуди музичка, филмска и забавна програма и пријатна освежувачка атмосфера со мени од коктели и други пијалаци инспирирани од култни локации во Скопје.
Во топлите летни денови, кога градот обично замира и се празни, организаторите решија да понудат содржина што ќе го збогати културниот и социјалниот живот и ќе покаже дека Скопје живее и во лето, вибрира и неизбежно нѐ потсетува на земјотресот од 1963 година и на тоа дека новите почетоци се можни секогаш.
Comments