Скопје, 26 јули 1963, во 5:17 часот сонот исчезна, а лелеците станаа јаве
26.07.2023 Juli Sreda
Тоа утро во 1963 година, Скопје беше срамнето со земја од земјотресот што траеше 20 секунди, со силина од 6,1 степен според Рихтеровата сеизмичка скала, (9 степени по Меркалиевата скала). Потоа се чувствуваа помали потреси до 5 часот и 43 минути. Не постојат зборови со кои може да се опише сето она што се случи тој ден, кога моментите на неверување беа заменети со моментите на свесност за тежината во која се наоѓаа еден град и неговите жители. Тоа кобно утро, но и во деновите потоа, преживеаните ги бараа своите блиски под урнатините, се мобилизираа сите оние што можеа да помогнат во извлекувањето на затрупаните, а ги имаше илјадници
Скопје, 26 јули 1963, 5 часот и 17 минути – силно тресење, морничава бучава, потоа тишина… но само за кратко, и веднаш потоа викотници од кои се леди крвта во вените. Сонот на жителите на еден град за миг исчезна, а лелеците станаа јаве. Во само еден миг, катастрофалниот земјотрес засекогаш го избриша препознатливиот лик на градот покрај убавиот Вардар. На 26 јули во 5 и 17 ч., стрелките на часовникот на Железничката станица запреа засекогаш, а топлото јулско утро, кое навестуваше еден сосема вообичаен, убав летен ден, одеднаш стана кошмар.
Градот под Калето беше пеплосан. Урнати домови, уништени семејства, неизмерна тага за загубените животи на најблиските… Смеата, надежта, заедничките семејни моменти и сите оние ситни работи што го прават животот, исчезнаа тоа утро, останаа само болката неизмерна… и неверувањето.
Тоа утро во 1963 година, Скопје беше срамнето со земја од земјотресот што траеше 20 секунди, со силина од 6,1 степен според Рихтеровата сеизмичка скала, (9 степени по Меркалиевата скала). Потоа се чувствуваа помали потреси до 5 часот и 43 минути.
МОМЕНТИ ЗА НЕВЕРУВАЊЕ
Не постојат зборови со кои може да се опише сето она што се случи тој ден. Кога моментите на неверување беа заменети со моментите на свесност за тежината во која се наоѓаа еден град и неговите жители. Тоа кобно утро, но и деновите потоа, преживеаните ги бараа своите блиски под урнатините, се мобилизираа сите оние што можеа да помогнат во извлекувањето на затрупаните, а ги имаше илјадници…
Децата до 15 години организирано се евакуираа низ Македонија и низ останатите југословенски републики. Се евакуираа и старите и изнемоштени лица, инвалидите. Беа евакуирани вкупно 105 илјади лица по земјотресот, од кои околу 30 илјади беа деца. Дел од нив заминаа кај своите роднини и пријатели, а дел во внатрешноста на Македонија или во другите југословенски републики.
Катастрофата однесе 1.070 животи, повреди 4 илјади скопјани и остави повеќе од 200 илјади луѓе без покрив. Меѓу загинатите имаше и 16-мина странци.
Скопскиот земјотрес беше почувствуван на простор од околу 150 илјади квадратни метри по должина на реката Вардар. Како епицентар на земјотресот, кој беше од локален карактер, се смета населбата Злокуќани. Беа разурнати 15.800 станови, а оштетени 28 илјади. Беа разурнати и многу индустриски капацитети, како и голем дел од Старата скопска чаршија и веќе познатиот Офицерски дом, Театарот, Железничката станица…
Во деновите што следуваа, градот функционираше како „град на шаторите“.
Според службите за идентификација на жртвите, тој ден под урнатините животот го загубиле 478 мажи, 430 жени и 162 деца. Овие податоци не се земени како дефинитивни поради веројатноста дел од жртвите да биле веќе погребани од своите роднини пред да ги евидентира Службата. Точната евиденција за повредените била вкупно 2.900 луѓе, од кои 1.110 биле тешко повредени (повеќе од 300 од нив сè уште биле згрижени и до еден и пол месец во болниците и во клиниките), а околу 800 луѓе останале инвалиди.
ГРАД НА СОЛИДАРНОСТА
Први што им пристигнаа на помош на граѓаните на Скопје беа војската, полицијата, цивилната заштита и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот, започнаа да пристигнуваат помош и спасувачки екипи буквално од целиот свет. Точно 87 нации од светот во наредните денови испратија помош во Скопје за да се ублажат последиците и за повторно да се изгради градот. Скопје во тие денови стана град на солидарноста. Капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, американски и советски воени сили, сите заеднички им помагаа на скопјани.
А, во урнатиот град, животот продолжи да тече. Државната и Градската болница во тие мигови беа организирани како центри за медицинска помош, а ранетите беа евакуирани и во блиските градови.
Режисерот Вељко Булаиќ, преку долгометражниот документарен филм „Скопје 63“ кој беше прикажуван на сите светски телевизии, му раскажа на светот за трагедијата. Откако приказната за Скопје го обиколи светот на 14 октомври, Обединетите нации едногласно усвоија Резолуција за давање помош на југословенската Влада за реконструкција на главниот град на Македонија.
Во периодот што следуваше, се градеа нови станови, училишта, амбуланти… По земјотресот, градот почна да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и на Адолф Циборовски.
Според статистичките информации од 30 јуни 1963 година, околу една седмина од целокупното население на тогашна Социјалистичка Република Македонија живеело во Скопје, или 198.153 жители. Привремено присутните жители се движеле од 12 до 20 илјади, што значи дека по бројот на жители до утрото пред земјотресот, Скопје се сметало за трет град по големина, развиеност и вложување во поранешна Југославија.
Јосип Броз Тито за земјотресот во Скопје:
Непосредно по земјотресот, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, изјави: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност“. Оваа порака остана да стои закована на полуурнатиот ѕид на Старата железничка станица, денес Музеј на Град Скопје, потсетувајќи на најтешките мигови во кои се најде повоено Скопје.
Во својата долга историја, Скопје двапати било урнато од земјотреси
Во минатото, Скопје двапати било целосно разрушено од земјотреси: во 518 година, кога бил уништен под тогашното име Скупи и во 1555 година. Старите хроничари не го запишале точниот број човечки жртви во првиот и во вториот земјотрес.
Во 518 година, Скупи било целосно разурнато од земјотрес. Катастрофата што ја опустошила провинцијата Дарданија, со епицентар во Скупи, ја опишал хроничарот Марцелин Комес. Тој запишал дека во провинцијата Дарданија од тешкиот земјотрес се урнале 24 каштели (градски тврдини), од кои две пропаднале во земја заедно со сите жители, во четири, пак, половина од жителите ги загубиле животите, во единаесет градски тврдини настрадало третина од населението, а девет тврдини биле упропастени, при што загинало четвртина од населението.
Во 1555 година се случил вториот катастрофален земјотрес, кој речиси сосема го срамнил Скопје со земја.
(Д.Т.)
ความคิดเห็น