Скопскиот градски фестивал од 11 мај на повеќе локации
Скопје го добива четвртото издание на Скопскиот градски фестивал, кој ќе се одржи од 11 до 13 мај на повеќе локации. Исто како и минатите три години, и ова издание на Скопскиот градски фестивал е во организација на „Баги комуникации“ и носи возбудливо музичко искуство, кое ќе го овозможат балкански и европски музичари. Сите концерти почнуваат во 20 часот. На 11 мај (четврток) во салата „Фросина“ во МКЦ ќе настапат: Елвис Станиќ – најпознатиот хрватски џез-музичар, извонреден гитарист, мултиинструменталист и продуцент, со долгогодишна успешна регионална и меѓународна кариера. Лидер е на групата Elvis Stanic Group, со која настапувал на џез-фестивали во САД, Англија, Холандија, Австрија, Италија, Турција, Германија, Норвешка, Грција, Унгарија, а двапати настапил и на најпознатиот и најголем светски џез-фестивал во Montreaux. 2009 година, како гостин на Lenny White, Bustera Williams и George Calligana, настапил и во престижниот Lincoln Centar во Њујорк. Како музичар и продуцент соработувал со познати имиња од регионалната и светската џез-сцена, меѓу кои со Бошко Петровиќ, Невен Франгеш, Gilberto Gil, Django Bates, Scott Kinsey, Матија Дедиќ, Тамара Обровац, Јосипа Лисац, Martin Drew, Alwin Queen, Bobby Thomas, Hadrien Feraud, Katisse Buckingham, Марио Маврин, Furio di Castri. AJS Quartet (Albanian Jazz Society Quartet) – квартет составен од најпознатите џез-музичари во Албанија: Gent Rushi – пијано, Ermal Rodi – саксофон и флејта, Roni Gjura – бас, Emilijano Dhimo – тапани. Квартетот има успешна регионална и меѓународна кариера, настапувале на Beijing Tianchang Art Festival во Кина, Roccella Jazz Festival во Италија, Nišville Jazz Festival во Србија, Petrovac Jazz Festival во Црна Гора, Jazz in Albania Festival во Албанија, „Куманово џез-фестивал“ во Македонија, Jazz Appreciation Month. AJS Quartet е организатор на традиционалниот Balkan Jazz Show Case, на кој учествуваат музичари од Балканскиот Регион. Двајца членови на AJS Quartet се дел од академскиот тим на University of Arts во Тирана. На 12 мај (петок) во големата сала во Филхармонијата настап ќе има најуспешниот и најпознат српски и балкански етносостав „Биља Крстиќ и Бистрик оркестар“. Биља Крстиќ и „Бистрик“ имаат долгогодишна успешна кариера, со голем број настапи на сите континенти, со добиени голем број награди и признанија, музика создадена за филмови и ТВ-серии, 5 студиски албуми и 2 албума со филмска музика. Нивни албуми издаваат и странски дискографски куќи, меѓу кои ARC Music од Англија, Intuition Shot Music од Германија и V2 (разгранок на Virgin) од Грција. Голем дел од репертоарот на Биља Крстиќ и „Бистрик“ се обработки на македонски традиционални композиции, кои ќе бидат изведени на концертот на Скопскиот градски фестивал. На 13 мај (сабота), во камерната сала во Филхармонијата, пијанистот Бобан Мирковски ќе го промовира својот најнов музички проект со наслов „Аалбум“, кој содржи 12 врвни македонски композиции изведени на пијано. На концертот ќе бидат изведени некои од најпознатите македонски евергрини, создадени во периодот од 1969 до 2001 година. Ќе бидат застапени дела на некои од најпознатите композитори, меѓу кои Славе Димитров, Љубомир Бранѓолица, Александар Џамбазов, Григор Копров, Влатко Стефановски, Кире Костов, Љупчо Мирковски, Тодор Бојаџиев, Димитар Масевски и Ванчо Димитров. Сите композиции ќе бидат изведени со нови аранжмани, специјално создадени за оваа пригода. Концертната промоцијата ќе се одржи под слоганот „Ја чуваме македонската музика“. Во периодот од 26 мај до 5 јуни во МКЦ ќе биде отворена изложба на македонски музички плакати. На изложбата ќе бидат претставени плакати на македонски музичари и групи од изминатите три децении и ќе биде своевиден пресек на музичкиот дизајн кај нас и документ за 30-годишното постоење на македонската музичка сцена. Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Комерцијална банка. Влезници може да се набават преку платформата www.bileti.mk
Comments