Скопски џез фестивал:Вечер посветена на солидарноста на бегалците
25.10.2021 Oktomvri Petok
Претпоследна вечер од 40-тото јубилејно издание на Скопскиот џез фестивал, ќе биде посветена на солидарноста со бегалците.
По повод тригодишната соработка на иницијативата Џез за солидарност со бегалците претставничката на Агенцијата на ОН за бегалци, Моника Сандри и директорот на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета остварија средба, на која, како што информираат, изразиле заедничко задоволство од соработката чија цел е развивање повеќе солидарност со бегалците и воопшто помеѓу луѓето.
Претставничката на УНХЦР Моника Сандри, рече дека Скопскиот џез фестивал, со пример ги инспирира и другите да застанат на страната на бегалците.
-Благодарни сме за постојаната посветеност на Фестивалот и можноста и оваа година да ги здружиме силите и да потсетиме на луѓето кои бегаат од конфликти, прогон и војни и на кои им треба нашата солидарност. Минатата година во светот, повеќе од 80 милиони луѓе биле приморани да избегаат од својот дом. Отприлика половина од бегалците во светот се деца, порача Сандри, се вели во соопштението од Скопје џез фестивал.
Директорот на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета рече дека со УНХЦР соработуваат веќе трета година, но дека Скопскиот џез фестивал е на страната на бегалците од многу порано од тоа бидејќи таа кауза доаѓа од идеолошките и хуманитарни определби на фестивалот и хуманата должност што ја имаме како граѓани.
-Како фестивал на џезот, кој се смета за форма на уметност што ги крши јазичните, етничките, расните и класните бариери и кој се бори против национализмот и за слободата, ние имаме не само привилегија, туку и одговорност да едуцираме. Пред сè за џезот и музиката од светот, но и за вредностите во општеството и кај секој поединец кој нè следи низ годините. Не смееме да дозволиме омразата да е погласна од солидарноста со бегалците. А, џезот е тука да ни помогне да растеме и да бидеме подобри луѓе, рече Белопета, се вели во соопштението од Скопје џез фестивал.
Comments