top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Скопски колажи“, изложба на Валентина Бакти

„Скопски колажи“, омаж посветен на Скопје, на српската уметница, поетеса и актерка Валентина Бакти, ќе се одржи во кафе-книжарницата Буква, в среда (27 јули), со почеток во 20 часот.

Повод за настанот е книжевната резиденција на Валентина Бакти во Скопје, која беше реализирана во јули. Се состои од изложба на колажи и писма. Писмата се разменувани за време на нејзиниот резиденцијален престој во Скопје со српскиот актер Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, а колажите се направени од фотографии што ги имаат создавано таа и фотографот Диме Данов. Изложбата на писмата и колажите ќе биде придружена со музичка изведба и читање поезија на Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Владимир Лукаш, Ѓоко Здравески, Иван Шопов и Андреј Ал-Асади. – Би сакала овој омаж на Скопје на скопската публика да ѝ остави простор за впуштање во малку попоетичен поглед на градот или барем она што остана од градот – објаснува Валентина Бакти.

– При спојувањето на различни елементи, кои вклучуваат и писма, Валентина создава дела што содржат нешто повеќе од збирот на своите елементи. Овие дела, освен тоа што се колажи тие се и претстави на нашите лични импресии од градот, како негови привремени посетители – смета Диме Данов. Валентина Бахти (Прокупље, 1995) е поетеса, преведувачка, актерка и фотографка. Нејзината прва двојазична книга поезија, „Помеѓу“, ја има објавено издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, а втората, „Да се скршат коските“, издавачката куќа „Дибидус“ од Белград. Таа е една од организаторите на Скопскиот поетски фестивал, а ги уредува и списанијата за книжевност и култура astronaut.ba и bludnistih.com. Диме Данов (Неготино, 1996) е фотограф и поет. Негови песни се објавени во неколку печатени и електронски домашни книжевни списанија, како што се: ,,Допир“, ,,100.000 поети за промена“, антологијата ,,Гласови на новиот век: панорама на поновата македонска поезија“, a во препев на српски јазик негови песни се објавени во „Рукописи 37“, во „Енклава“ и во седмиот број на „Блудни стих“. Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур (Белград, 1990) завршил актерство на Новата академија за уметност во класата на Светозар Цветковиќ и Лилјана Тодоровиќ. Игра во речиси сите продукции на театарот „Рефлектор“, потоа во претставите на Центарот за културна деконтаминација, трупата „Хоп.Ла!“, Битеф театарот, Народниот театар во Сомбор и во други независни продукции, како и на телевизија. Посебно е заинтересиран за физичкото и танцот во театарот. Резиденцијалниот престој на Валентина Бакти во Скопје е поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.



0 views

Comments


bottom of page