„Скопски есеи“ на Лужина– за оние кои живееле и твореле во Скопје и оставиле трага врз македонската
Updated: Nov 16, 2021
15.11.2021 Noemvri Ponedelnik
„Еден град се освојува емотивно. Ние на Балканот живееме во една традиција на освојување. Родена сум во Дубровник, град кој никогаш не бил освоен, кој се бранел со големи бедеми. Никој и никогаш, сѐ до последниве бесмислените балкански војни, на него (Дубровник) не фрлил ни камен. На тврдината повеќе по 550 години се вееше знамето либертас или знамето на слободата. Во тој дух сум растена и воспитувана. Во таа конотација – градовите ги усвојувате слободно, а не ги освојувате со насилство. Така, јас ги имам освоено и мојот роден град Дубровник, како и градот во живеев првите 34 години од мојот живот – Пула. Исто така и Скопје, во кој живеам последниве 35 години. Така што можам да заклучам дека градовите се освојуваат само со љубов…“, рече познатата преведувачка, театролог и книжевен теоретичар Јелена Лужина на онлајн-промоција на нејзината најнова книга „Скопски есеи“ одржана на 13 ноември во чест на Денот на ослободувањето на Скопје.
Во книгата се застапени 16 есеи, своевидни осврти, коментари, ставови и сеќавања што се пишувани низ годините, а се посветени на Скопје и на големците кои некогаш живееле и твореле во него. Авторката Лужина истакна и дека „градовите стануваат ’наши‘ исклучиво поради она метафизичко ’вибрато‘ што го имаат или – просто – го немаат“. „Еден град се усвојува, а не се освојува. Природно е и нормално градовите да ги У-својуваме, а не да ги О-својуваме! И обратно: тие да нè У-својуваат нас“, додава Лужина.
„Скопски есеи: сказни за лица, персони и сенки“ е истовремено книга за минатото и за иднината. Во неа, со поглед наназад, авторката ги портретира големците што оставиле трага врз македонската култура, почнувајќи од веќе подзаборавените Јосиф Михајловиќ и Аница Савиќ-Ребац; преку карикатуристот и сценограф Василие Поповиќ-Цицо; драмските писатели Бранислав Нушиќ и Душан Јовановиќ; поетите Светлана Христова-Јоциќ и Матеја Матевски; класичарката Љубинка Басотова и писателката Јадранка Владова; актерката и режисерка Тодорка Кондова-Зафировска, суфлерката Нада Прличкова; големиот Предраг Матвеевиќ, македонистот Петар Кепески и критичарот Димитар Митрев; и конечно, режисерот Љубиша Ѓеорѓиевски, веќе култниот Дејан Дуковски и, во последниот есеј, драматургот Коле Чашуле. Но, исто така, покрај тоа што ги спасува овие фигури од срамниот заборав, Лужина ни ги приложува нам, особено на помладите, како образец и идеал, за што сè можат да бидат Скопје и македонската култура.
„Сите личности споменати во есеите ги познавав лично или знаев за нив преку нивните творби. Им се восхитував преку нивните дела. Сѐ уште не ми е јасно зошто никој во Скопје не се занимава со Јосиф Михајловиќ, кој во најмала рака заслужува да има барем монографија или, пак, со Аница Савиќ-Ребац, која живееше тука со децении и која беше врвна интелектуалка, можеби прва феминистка во историјата на македонското женско движење. Личностите опфатени во есеите ги избирав, пред сѐ, според трагата што ја оставиле зад себе. Тоа се луѓе кои заслужуваат да им посветите време да истражите за нив и да напишете нешто за нив. Многу ми значи текстот за жената која живееше речиси невидливо или бесшумно – Нада Прличкова. Тоа е сопругата на Петре Прличко, за кого, пак, имам напишанo голема монографија. Без Нада – Петре не би постоел. Со неа лично се познавав. Таа беше чудо од жена. Преку неа може да се согледа она што значи – големината на малите“, рече Лужина која има 19 авторски книги, приредено повеќе од 50 антологии и која е добитничка на десетина книжевни и преведувачки награди.
„Скопски есеи“ е во издание на „Арс Ламина“, а корицата е илустрирана со мотив од делото „Старо Скопје“ (масло 1960) од Бранко Костовски.
Comments