top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Скопска премиера на македонскиот кандидат за Оскар „Сестри“ во кино Милениум

Од 17 декември, во вечерниот термин, од 20 часот, скопската публика ќе може, во рамки на редовниот репертор на киното „Милениум“ да го погледне првиот долгометражен филм на младата режисерка Дина Дума. „Сестри“ го истакнува проблемот со коишто младите денес секојдевно се среќаваат и соочуваат, врсничкото насилство… Македонскиот кандидат за Оскар за 2022 година, филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума вечерва, 16 декември во киното „Милениум“ ќе ја има својата скопска премиера. „Заради ковид протоколите, премиерата ќе се одржи во два термина од 19 и 21 часот, а скопската публика филмот ќе може да го погледне веќе од 17 декември во вечерниот термин од 20 часот, како дел од редовниот репертор на киното ‘Милениум’“, потврдија за весникот ВЕЧЕР од Младинскиот културен центар. Деведесет минутната драма на „Лист продукција“, а која е копродукција меѓу Македонија, Косово и Црна Гора ја прикажува приказната за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Дејството се движи околу неразделните другарки Маја и Јана, но Јана е таа која води, а Маја таа која секогаш ја следи. Една ноќ на забава, Маја и Јана ја снимаат најпопуларната девојка во училиштето Елена во интимен однос со симпатијата на Маја. Тогаш Јана ја убедува Маја да го објави видеото онлајн, тоа набрзо станува вирално и животот на Елена е уништен. Во жестока конфронтација помеѓу трите девојки, Елена исчезнува. Маја сака да пријави во полиција, но Јана не ѝ дозволува. Маја се бори да најде храброст и да излезе од токсичното пријателство со Јана и тајната што се заканува да ѝ го уништи животот… Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Во недамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР, младата Антонија Белазелкоска, рече дека филмот го истакнува проблемот со коишто младите денес секојдевно се среќаваат и соочуваат. „Во ‘Сестри’ е опфатено врсничкото насилство и јасно покажува колку еден клик на социјалните мрежи може да уништи еден живот. Сите во општеството треба да бидат свесни за овие проблеми. Младите треба да покажуваат поголема емпатија кон своите врсници, а родителите треба да знаат за големото влијание што го имаат социјалните мрежи врз животот на младите“, посочи во интервјуто Белазелкоска. Инаку, сценариото за филмот е на режисерката Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, шминката е на Жанета Димитриевска, а продуцентка е Марија Димитрова. Покрај Белазелкоска и Жиро, во другите улоги настапуваат Марија Јанчевска, Ханис Багашов, Емил Исаевски, Верица Недеска. Како што е познато, одлуката првиот долгометражен филм на младата режисерка Дина Дума да биде кандидиран за престижната награда ја донесе Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ при Друштвото на филмските работници на Македонија во состав: Дејан Димески – кинематографер и претседател на Комисијата, Роберт Јанкуловски – фотограф и кинематографер, Петар Богоевски – дизајнер на светло, Несрин Таир – актерка, Снежана Поњевиќ-Муча – сценографка, Александар Пејовски – композитор и Дритон Вејсели – актер. Светска премиера „Сестри“ имаше на 55. издание на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде ја освои специјалната награда од жирито (East of the West Special Jury Prize). Македонска премиера, пак, остварувањето имаше на отворањето на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, во септември годинава. (Н.И.Т.)





1 view

Hozzászólások


bottom of page