Сколс разочаран од Јунајтед: Не сакам да звучи понижувачки, но играа како тим од Лига 2!
Манчестер Јунајтед успеа да победи на вчерашното гостување кај Реал Сосиедад, но триумфот имаше вкус на пораз поради фактот што резултатот не беше доволен за да се заврши на првото место во групата.
„Ѓаволите“ бркаа победа од два гола на гостувањето во Сан Себастијан, но постигнаа само еден преку Гарначо во првото полувреме, а тоа што завршија втори во групата сега ќе им донесе многу тежок ривал во нокаут рундата и може да налетаат на некој силен тим кој досега играше во Лигата на шампионите.
Пол Сколс остана незадоволен од изданието на Јунајтед и директно го нападна Ерик Тен Хаг за извршените измени во вториот дел, кои според него биле нелогично и само го ослабнале тимот.
– Јунајтед имаше целосна контрола во првиот дел, но второто полувреме беше вистински хаос. Немаше план. Планот беше да се уфрлаат долги топки и да се чека шанса од втор план. Можеби звучи понижувачки, но играа како третолигаш, како тим од Лига 2.
– Се започна со измената на Линделоф, тимот имаше контрола се додека тој не излезе. Касемиро се врати назад, а потоа Рашфорд влезе на местото на Ван де Бек како „10-ка“. Тоа едноставно не е негова позиција, тој мора да игра на крило. Второто полувреме беше вистински хаос и тоа беше резултат на измените, – порачува Сколс.
Comments