Скелет на тираносаурус на аукција во Хонгконг
Скелетот на тираносаурус рекс ќе се продава на аукција на „Кристи“ во Хонгконг. Аукцијата е закажана за 30 ноември, а се очекува фосилите на диносаурусот да достигнат цена од 25 милиони долари.
Скелетот го носи името Шен, но новиот сопственик ќе има право да го смени името при купувањето. Долг е 12,2 метри, висок 4,6 метри, а тежи 1.400 килограми.
Ова ќе биде првпат скелет од тираносаурус да биде продаден на аукција во Азија. Ќе биде изложен во салата „Викторија“ во Сингапур пред да биде понуден на аукција во конгресниот и изложбен центар во Хонгконг.
Шен е откриен во САД, поточно во Монтана, а се проценува дека живеел пред 68 милиони години.
Во јули оваа година беше продаден уште еден скелет од диносаурус стар 76 милиони години. Купувачот плати 6,1 милиони долари на аукцијата во Њујорк.
Commentaires