top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Скапино балет Ротердам и Убавите жени за затворање на сезоната на Танц Фест Скопје 2021

Вечерва во 20 ч., на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на Танц Фест Скопје 2021, ќе се гостува дел од компанијата Скапино балет Ротердам со две кореографии на Ед Вубе, „Резонанца“ и “Везул“. Воедно ќе биде прикажан и танцовиот филм „Јантра“ на кореографот Шајлеш Бахоран.

За крај на вечерта Скопје танцовиот театар ќе ја изведе претставата „Меѓусвет (Убавите жени)“ во кореографија на Рисима Рисимкин. Настанот е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија, а работата на Танц Фест Скопје и Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.

Програмата е во чест на долгогодишната соработка со холандски уметници, како и поддршкаата која Амбасадата на Кралството Холандија ја дава во развојот на современиот танц во земјава. Со таа соработка се овозможи формирање на едукативната програма на универзитетско ниво за современ танц, која денес е во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“, како и формирањето на Скопје танцовиот театар, првата официјална современа танцова компанија кај нас, која годинава одбележува 10 години од своето постоење. Во рамки на вечерта ќе му биде доделена Спецiјалната награда МЕНАДА за поддршка на развојот на современиот танц на Н. Е. Амбасадорот Дирк Јан Коп.

„Резонанца“ е уметничко доживување, кое обединува два света, кристално чистата музика на Мишиел Борстлап, кој важи за еден од најзначајните холандски пијанисти и страсната кореографија на Ед Вуб, долгогодишен уметнички директор на Скапино балет од Ротердам и еден од најзначајните кореографи на денешнината. „Резонанца“ ни пренесува магија на сцената создадена од низ страстна, нежна и воедно дива експресија, во која се мешаат чувствата на љубов и конфликт. Жозефиен Дебајли, за оваа изведба беше номинирана за престижната награда „Лебед“, највисоко признание на холандската танцова сцена.

„Везул“ (дел од претставата „Црната мачка“) е ода за градот Париз, на музиката на Жак Брел. Создадено од извонредниот Ед Вуб, во интерпретација на Рубен Гарсија Арабит, делото не носи во прегратките на веселоста и духот на овој безвремен град, кој го одбележува векот на нашето живеење преку иновативен театарски лик, одличната динамика и виртуозната изведба.

„Меѓусвет(Убавите жени)“ е претстава инспирирана од поезијата на Блаже Конески, во кореографија на Рисима Рисимкин, музика ја потпишува Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизјанот на сцената на Матеа Мијановиќ. Во претставата настапуваат Мими Поп Алексова, Дејан Битровски, Бобан Русески, Ивана Балабанова, како и студентите на Катедрата за современ танц при УГД – Сара Димковска, Стефани Шааршмит (Германија) и Емилија Милак (Црне Гора).


2 views

Comments


bottom of page