Скандалозна изјава на „Евросонг“: Косово и Албанија се брат и сестра, мајка ни е голема Албанија
Политиката има приоритет над музиката
„Албина и семејството Келменди“, како претставници на Албанија, со песната „Duje“ си обезбедија место во финалето на оваа манифестација. Претставниците, кои се по потекло од Косово, во декември минатата година беа избрани да ја претставуваат Албанија. Но по настанот, тие на прес-конференција одговараа на новинарски прашања, каде што беа прашани како се слави постигнатиот успех во Косово, на што дадоа скандалозна изјава. – Ние сме иста крв, иста националност, Косово и Албанија се како брат и сестра, и имаме една мајка, која е голема Албанија – гласеше одговорот од семејството Келменди. Всушност, ова не е првпат на „Евровизија“ политиката да има приоритет над музиката. Лани, на пример, како и што се очекуваше и прогнозираше, победник на „Евровизија беше Украина“. „Калуш оркестар“, со песната „Стефаниа“, по сумирањето на резултатите од жирито и од телефонските јавувања, вкупно 631, се најде на врвот на табелата. Британецот Сем Рајдер, со песната „Space man“, беше прв од жиријата на сите земји-учеснички, но Европа гласаше во знак на поддршка на Украина поради актуелната состојба во оваа земја. И Македонија не била имуна на политизација. Во 2019 г. во Тел Авив, кога Тамара ја испеа песната „Proud“, освојувајќи го високото седмо место, нашиот најголем успех на овој избор, скандалот се случи по нејзиното враќање, кога на 4 јули, на приемот во американската амбасада таа ја пееше македонската химна и при изведбата направи грешка во текстот. Следуваа јавен линч и нејзино долго непојавување во јавноста. Во годината кога Васил Гарванлиев требаше да нѐ претставува во Ротердам со песната „You“, по објавата на спотот за оваа нумера, јавноста бурно реагираше поради тоа што, наводно, во секвенца од неколку секунди е прикажано бугарско знаме. Подоцна се воспостави дека всушност се работи за уметничко дело со слични бои и со одлука на евровизискиот тим спорните кадри беа отстранети. Сепак, бурните реакции не стивнаа, бидејќи се појави снимка на која Гарванлиев вели дека, освен македонски поседува и бугарски пасош и оти има роднини во Бугарија. На социјалните мрежи се потпишуваа петиции за негово неучество на „Евровизија“. Во историјата на натпреварот имало и повеќе песни со затскриени политички пораки, иако во последните декади Европската радиодифузна унија (ЕБУ) е многу построга и веднаш прибегнува кон санкции.
Comments