Скандал-мајсторот издаде книга, премиерно промовирајќи ја во своето Скопјe: Џаро како Феникс од пепе
02.11.2021 Noemvri Vtornik
Нема таков кој би се осмелил Џаро да го пренесе “жеден преку вода“. Дури тоа не му појде од рака ни на некогашниот југословенски Претседател Јосип Броз Тито кој откако го запозна овој како што велеше Броз “способен Македонец“, често му праќаше поздрави преку своите политички соработници. Менаџерот за тоа зборува во оваа книга, а отворено зборува и за стотина други скандалозни настани кои им ги правеше на Мишо, Тереза, Здравко, Дорис, Мики Јевремовиќ, Горан Бреговиќ, Арсен Дедиќ, Лепа Брена…..
Кој не го знае, скапо би го платил, а кој го знае мора да му се воодушевува, како што за пола век од неговата менаџерска кариера му се восхитуваа голем број пејачи, фудбалери, манекенки, старлети, глумци, политичари, новинари, бизнисмени….Кој би бил тој, ако не е неуништивиот Велибор Џаровски Џаро, со место на постојано живеење во Скопје во “Ѓорче Петров“, кој ја растури до пепелта поранешната југословенска јавна сцена, оставајќи со тоа длабока трага и во приватниот и во професионалниот живот на славните: Здравко Чолиќ, Тереза Кесовија, Лепа Брена, Мишо Ковач, Дорис Драговиќ, Мики Јевремовиќ, Горан Бреговиќ, Чоби од “Про арте“, Калиопи, Исмета Крвавац од “Амбасадори“, Сузана Манчиќ, Оливер Драгојевиќ…..како и на многубројните фудбалери и политичари.
Скандал-мајсторот кој местејќи ги многубројните фудбалски натрпевари во тогашната југословенска прва лига, како и со местенки на добар дел и од југословенските фестивали и една “Југовизија“ за Изборот за “Песна на Евровизија“ , деновиве издаде книгата со специфичен наслов “Џаро, најголемиот режисер на Титоизмот“. Книгата која е илустрирана и со фотографии од самите настани, промовирана е премиерно во Скопје во “Ѓорче Петров“, во “Домот на културата“ пред навистина огромен број заинтересирани, меѓу кои имаше и доста поранешни и сегашни македонски политичари, менаџери ( и од Србија), како и музичари.
Ова единствено книжевно дело кое е на примамлив читлив јазик напишано од неговата ќерка-новинарката Милица Џаровска е некој вид историски осврт на случувањата на популарниот менаџер во текот на неговата работа, со што се отсликува и целата состојба на тогашната голема југословенска естрада исполнета со вистински музички (а, и спортски) ѕвезди. Но, кога сите очекуваа дека со Џаро работата е завршена, со оглед на тоа дека имаше големи здравствени проблеми, тој како оној вистински Феникс се крена од пепелата и со уште поголем елан продложи да чекори по својот зацртан пат. Тогаша знаеше често да каже: “Точно е дека имам проблеми со мојата нога, но во мозокот сум сосема здрав“. Навистина е така.
Верувале или не, но нема таков кој би се осмелил Џаро да го пренесе “жеден преку вода“. Дури тоа не му појде од рака ни на некогашниот југословенски Претседател Јосип Броз Тито кој откако го запозна овој како што велеше Броз “способен Македонец“, често му праќаше поздрави преку своите политички соработници. Самиот Џаро тоа знаеше да го почитува, но кога Тито почина, патот го однесе во некои други насоки, па менаџерот заглави во затвор бидејќи ги местел фудбалските натрпевари за добри пари. Џаро не го крие тој дел од својата кариера. За тоа зборува во оваа книга, а отворено зборува и за стотина други скандалозни настани кои им ги правел на Мишо, Тереза, Здравко, Дорис….Кога за првпат во загребскиот “Лисински“ ги донесе “Локици“ да танцуваат со Чолиќ на песната “Живиш у облацима мала“. За она време, голем скандал!
На Дорис Драговиќ и ја наместил победата на југословенскиот Избор за “Песна на Евровизија“ на натпреварот во Приштина, кога згодната сплиќанка победува со песната “Жељо моја“ убедливо поразувајќи ја популарната Лепа Брена со “Поситно Циле, поситно“.
Исто така и на Мишо Ковач му мести победа, на влијателниот “Сплитски фестивал“ со далматинската шлагер-химна “Ноќеска на земјата како на мајка ќе и кажеме“ кога поради оваа местенка тогаш мегапопуларната пејачка Тереза Кесовија за малку на Џаро ќе му направеше државен пуч! Има уште многу такви ситуации во кои Џаро свесно или несвесно влегуваше со ризик или да изгуби големи пари или да ги добие, но секогаш со цел дека пејачот колку и да му е омилен за работа и популарен кај публиката, не можеше повеќе од него да заработи. И за чудо, никој од популарните покрај ужасна лутина, за некое време пак би му ги простел неговите местенки. Нешто што не може да се објасни, може само да се доживее и секако за сето тоа да се прочита во оваа книга. Читајќи, рамнодушни во никој случај нема да останете!
Текст и фото: Дуле МИЌИЌ
(Забрането е превземање и објавување на овие фотографии и овој текст на другите Портали, без согласноста на авторот и vecer.press)
Comentarios