top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Сите англиски европски прваци одново во Премиер-лигата

Нотингем форест го заврши своето 23-годишно чекање и се врати во англиската фудбалска Премиер-лига, по тесната победа со 1-0 над Хадерсфилд, во финалето на плејофот на дивизијата Чемпионшип, на стадионот „Вембли“, победа вредна околу 170 милиони фунти, пишува „Би-би-си“.

Промоцијата во елитната лига претставува брилијантен пресврт во сезоната на Нотингем форест, која почна со шест порази по првите седум кола во дивизијата Чемпионшип. Двократниот европски првак освои еден бод во првите седум натпревари сезонава, што е негов најлош почеток на сезоната во претходните 108 години.

Нотингем форест, еден од основачите на Премиер-лигата во 1992 година, беше европски шампион во 1979 и во 1980 година, под водство на легендарниот тренер Брајан Клаф.

По многу години, одново во Премиер-лигата ќе играат сите европски клупски прваци од Англија, и тоа Ливерпул (шест титули), Манчестер јунајтед (три), Челси, Нотингем форест (по две) и Астон вила (една), како и финалистите од Англија во континенталното клупско натпреварување (сега Лига на шампионите, порано Куп на шампионите), Лидс, Арсенал, Тотенхем и Манчестер сити (сите по еднаш).

Од дивизијата Чемпионшип претходно директно во Премиер-лигата се пласираа Фулам и Борнмаут, а од врвната англиска лига испаднаа Барнли, Вотфорд и Норвич.


1 view

Коментарі


bottom of page