Синоќа во Кавадарци започна неделата на македонско-српската култура во рамките на СТРИТ ФЕСТ 2024
18.06.2024 Juni Vtornik
Со прекрасната изложба на фотографии под наслов „Тврдини и стари градови на територијата на Србија“ на авторката Светлана Дингарац од Белград и заедничкиот концерт на тамбурашкиот оркестар „Ковински беќари“ и традицискиот оркестар и хорот при ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ синоќа на градскиот плоштад во Кавадарци започна неделата на македонско-српска култура.
Според најавата на директорката на домот на културата „Иван Мазов Климе“ Јулијана Туриманџова настаните кои оваа седмица секојдневно ќе се случуваат на градскиот плоштад се дел од манифестацијата СТРИТ ФЕСТ 2024 која почнувајќи од 17.јуни ќе трае се до 16. август и ќе понуди бројни културни, забавни и спортски активности за сите генерации.
Она што заслужува внимание да се спомене за оваа мултимедијална изложба „Тврдини и стари градови на територијата на Србија“ е фактот што Македонија е првата земја каде за првпат е изложена оваа несекојдневна изложба на фотографии на Светлана Дингарац која е дел од еден поголем проект започнат во 2018 година и има цел овој сегмент од културното наследство на Србија да го отргне од заборавот и и го приближи на јавноста. Авторката досега открила околу 270 стари тврдини од кои голем број целосно непознати од доцна античкиот и рано византискиот период како и од средниот век.
Фото: М.М
Што се однесува до музичкиот дел културната соработка на Кавадарци и Ковин датира уште од почетокот на деведесетите години на минатиот век за да официјално започнат во 1995 година со презентирање на културното и фолклорното богатство на двата народи и еве успешно трае до донес. Во своето обраќање директорот на Центарот за култура на Ковин Миливој Гркиќ не го криеше задоволството на успешната културна соработка со желба манифестацијата „Кавадаречко културно лето“ традиционално да започнува со македонско-српската културна недела.
За вечерва е најавена театарската претстав „Не се клади на Енглези“ на театарот од домот на културата, утревечер поетска вечер под отворено небо и настап на локален бенд. За четврток љубителите на театарот ќе можат да ја проследат претстават „Болва во уво“ на Центарот за култура од Ковин додека за петок на градскиот плоштад свечено затворање со целовечерен концерт на КУД „Паја Маргановиќ“ од Делиблата, Србија и Фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ кој работи при домот на културата во Кавадарци.
Мирјана Мукаетова
Comments