top of page

Синоличка Трпкова за книгата „Никогаш не кажувам“: Човек што не е ранлив, не може да создава

18.11.2021 Noemvri Cetvrtok

„Во суштината, не можеш да бидеш уметник ако не се изложиш себеси комплетно на јавноста. Јас сум актер и навикната сум да работам со своите емоции и мене тоа ми недостига веќе 20 години. Во даден момент, тоа соголување и тоа саморанување преку овие раскази ми дава можност да ослободам еден актерски и филмски дел од себе. Човек што не е ранлив не може да создава. Човек што не се критикува себеси, што не си го забива ножот, не може да забива на другите луѓе нож. Прво треба да си критичен пред себе, а потоа треба да си критичен кон другите. Тоа е мојот став генерално за животот“, истакна неодамна познатата актерка и професорка Синоличка Трпкова на промоцијата на нејзината прва прозна книга „Никогаш не кажувам“. Книгата е во издание на „Арс Ламина“.

„Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Почнува со крајно лични приказни со острицата на ножот вперена во раскажувачкото јас; со син и ќерка, со состојба во која „раскажувачот“ е родител; продолжува во втора целина кога „раскажувачот“ е дете; третиот циклус е мешавина и од едното и од другото, вител од родители и деца, од минато и сегашност измешани во некакво трајно постоење. Четвртиот циклус е опфат на нашето актуелно време, еден автентичен поглед на пандемијата прекршен низ лично огледало. Последниот, петтиот циклус е есеизирање на книжевното од претходните четири.

„’Никогаш не кажувам’ е многу повеќе од ангажирано и умно ‘пишување’ и коментирање. Таа е уметничка проза. Книжевност. Нарација со есеистички поттекст. Автобиографија со минимум исповедност, со максимум литерарност“, посочува уредничката на книгата Оливера Ќорвезироска.

Авторката Синоличка Трпкова на промоцијата открива дека расказите се пишувани во подолг временски и првично не планирала да ги објави. „Кратките раскази се нагло пишувани. Кога пишувам е како да ги гледам филмските сцени што што не можам да ги снимам – бидејќи не сум режисер, а и не можам да го одглумам – бидејќи немам можност да играм. Ги запишувам, токму онака како што ми доаѓаат во главата, како сцени, а потоа ги средувам. Ако не го фатам тој миг кога ќе ми дојдат идеите, можат да избледат… Моите раскази можам да ги споредам со кратки филмови направени со еден кадар. Не сум режисер, но кога би можела, би напишала сценарио врз основа на овие раскази и би снимила краток филм. Тоа е мојата најголема желба“, додава Трпкова.

Во книгата се реферира на луѓе од секојдневието, на јавни и обични личности вмрежени во емоционалниот координатен систем на авторката. Наидуваме на омажи, вистински медалјони за Данчо Чеврески, но и за другарката Соња; во оваа книга „гостуваат“ и Слободан Унковски и Марјан Алчевски…

„Никогаш не кажувам“ е топло, но не и нежно справување со времето, со спомените, со болките и радостите на живеењето пред и во пандемијата. Кажано со зборовите на авторката, ова е „хроника на интимата“, но и брутално искрена книга во која острицата на ножот е насочена навнатре, кон самиот раскажувач, не нанадвор кон раскажаното.

ree

 
 
 

Comments


bottom of page