Синер ја освои првата голема титула во кариерата и ја прослави со куче на теренот
Јаник Синер е еден од предводниците на новата генерација млади играчи, па иако Италијанецот е во сенка на Карлос Алкарас, сепак сега го дочека моментот за прва голема титула во кариерата.
Синер на 21 година успеа да ја освои првата Мастерс титула и го подигна најпрестижниот трофеј во професионалната кариера, откако успеа да слави во големото финале во Торонто.
Италијанскиот тенисер загуби само еден сет на патот до финалето (од Гаел Монфис), па како што беше убедлив во претходните рунди, така продолжи и на завршниот меч.
Алекс Де Минор беше сериозен тест само во првиот сет во кој видовме дури пет брејка, но Синер направи еден повеќе и поведе со 6:4. Вториот сет не беше ниту одблиску неизвесен како првиот, па Синер со 6:1 и за 90 минути игра го приведе мечот до самиот крај.
Јаник стигна до титулата на три дена пред да наполни 22 години и дефинитивно се погрижи за најдобар роденденски подарок, кој интересно го прослави со едно слатко куче на теренот, со кое режираше симпатична сцена за крај.
Comments