„Синедејс“ се отвора со премиера и концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд”; 23. Фестивал на европски филм од 11 до 17 јули
05.07.2024 Juli Petok
Во рамки на програмата на 23. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“, публиката ќе може да види светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Гала програмата, Официјалната селекција, SEE програмата, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ, како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс. Во Гала програмата, „Синедејс“, директно од Канскиот фестивал, што се одржа во мај годинава, ги носи филмските остварувања на Давид Кроненберг, Вуди Ален, Мохамед Расулоф, Роман Полански…
Со премиера на документарецот „Ефтеркланг: Македониум бенд” (Efterklang: The Makedonium Band) во режија на Андреас Јонсен на 11 јули ќе се отвори 23. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“, кој годинава до 17 јули ќе прикаже околу четириесетина филмски наслови во неколку програми. Фестивалот, под слоганот „Како е? Викај ура“, ќе се одвива во паркот зад Младинскиот културен центар, киното Фросина и летното кино на Кинотеката на Македонија.
Музичкиот документарец „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во продукција на Младинскиот културен центар, Rosforth и Rumraket, претставува музичко патешествие на данската група „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум”, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
„Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот мета состав наречен ‘Ефтеркланг: Македониум бенд’, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски- Грга, кој е посредник во целата авантура” се вели од МКЦ.
Инаку, светска премиера „Eфтеркланг: Македониум бенд” имаше во март 2024 на фестивалот „CPH:DOX“ во Копенхаген, Данска. Филмот на фестивалот имаше две проекции, по што следеа и два настапи на музичкиот состав чиј наслов го носи и самиот филм.
„Оваа плејада на неверојатни уметници на двата концерти изнуди овации од присутната публика, која по вториот концерт и побараниот бис се крена на нозе и развиори македонски оро, кое продолжи и вон концертната просторија. Никогаш нема да го заборавиме она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзална љубов. Особено ми е драго што овој филм е првиот вистински документарен филм во продукција на МКЦ“, изјави Владица Младеновски од МКЦ.
Во фестивалската програма оваа година публиката ќе може да види светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Гала програмата, Официјалната селекција, SEE програмата, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ, како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс.
Во Гала програмата, „Синедејс“, директно од Канскиот фестивал, што се одржа во мај годинава, ги носи филмските остварувања на Давид Кроненберг, Вуди Ален, Мохамед Расулоф, Роман Полански.
Сцена од филмот „The substance“ на Корали Фержо
Фестивалската публика притоа ќе може да ги проследи: хорор-трилерот со Деми Мур „The substance“ на Корали Фержо, добитник на награда за најдобро сценарио во Кан, драмата „The Seed of the Sacred Fig“ на иранскиот режисер Мохамед Расулоф, добитник на специјалната наградата на жирито во Кан и ФИПРЕСЦИ, научно-фантастичниот трилер со Винсент Касел „Тhe Shrouds“ на Давид Кроненберг, прекрасната француско-италијанска комедија со Кјара Мастројани и Кетрин Денев „Marcello Mio“ на Кристоф Оноре, драмата „Caught by the Tides“ на Жанг Жи, анимацијата „The Most Precious of Cargoes“ на Мишел Хазанавициус, црната комедија со Џон Клиз во главната улога. „The Palace“ на Роман Полански, како и „Coup de chanced“ на легендарниот Вуди Ален, за затворање на фестивалот.
Сцена од филмот „Coup de chanced“ на Вуди Ален
„’Синедејс’ е единствениот фестивал во Европа кој ја има таа привилегија да ги прикаже овие наслови директно по нивната премиера во Кан“, посочуваат од фестивалот.
И годинава, натпреварувачката програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер. Во Официјалната селекција, во која меѓународното жири во состав Ивица Димитријевиќ, Гентијан Кочи, Мина Ѓукиќ, Роан Бери Крикмар, Горјан Атанасов ќе одлучува за наградите Најдобар филм, Најдобра режија и Најдобро сценарио, публиката ќе може да ги погледне европските остварувања: „Good Guys Go to Heaven“ на Раду Поткоава, „Dolomite and Ash“ на Тома Селиванова, „The City“ на Амит Улман, „Beyond the Blue Border“ на Сара Нојман, „A Nice Jewish Boy“ на Ное Дебре, „Schirkoa: In Lies We Trust“ на Ишан Шукла, „Spirit of Ecstasy“ на Хелена Клоц и „Body Odyssey“ на Грација Трикарико.
Поради големиот интерес, во придружната фестивалска програма, повторно и оваа година ќе се реализира меѓународниот проект „Living Music“ под водство на проф. Дарија Андовска, во кој студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно и создаваат филмска музика која потем ќе ја изведат во живо.
Музичката програма на фестивалот под наслов „CINEmusic“ и оваа година носи изненадувања. Покрај свеченото отворање на фестивалот со гала концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд”, свој настап ќе имаат и регионалниот експериментален панк бенд „Turbo Trans Turisti“, скопскиот инди-состав „СИЗ“, како и психоделичното музичко дуо „Cyril-Cyril“ од Швајцарија. (Н.И.Т.)
Comments