Синедејс 2022 се отвара со македонска премиера на филмот „Мими“
Со македонска премиера на долгометражниот игран филм “Мими“ во режија на Даријан Пејовски на 7 јули на кровот на ГТЦ, се отвора 21 издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Под слоганот „Од високо подобро се гледа“ од 7 – 14 јули љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да видат повеќе од 50 филмови. Филмското остварување „Мими“ кое е селектирано во SEE програмата ќе се натпреварува за една од наградите на „Синедејс“. Во филмот ќе ги видиме актерите Наталија Теодосиевска како Мими, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.
Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески стави свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски. Емилија И.Атанасовска е задолжена за костимите, а Ива Куробаса за шминка и фризура. Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.
Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и истиот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.
Годинешниот „Синедејс“ како што информираат организаторите, има многу изненадувања од домашната кинематографија сместени во различни селекции, но и богата ОФФ програма поврзана со македонската филмска индустрија.
Comments