Синдикатот на МКЦ бара да се искористат сопствените средства на институцијата за да се реши проблемот со отпуштените хонорарци
07.03.3034 mart Cetvrtok
Синдикалната организација на МКЦ вчера одржа состанок на кој доставија барање до Државната комисија за спречување на корупцијата како најповикана институција, Градот Скопје, Министерството за култура, Советот на Град Скопје, како и директорот и управниот одбор на МКЦ со диференцијално толкување на спорниот член поради кој не беа продолжени договорите на хонорарно ангажираните лица во МКЦ, а поради кој е попречено нормалното функционирање на институцијата.
„По препорака на Државната комисија за спречување на корупцијата за примена на член 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик, договорите на 30 лица што беа хонорарно ангажирани Младинскиот културен центар Скопје не им ги продолжи. Со оглед на тоа дека со ваквата препорака и подоцна донесена одлука редовно ангажираните 30 лица остануваат без работа и се оневозможува понатамошното вршење на дејноста на Младинскиот културен центар Скопје, должни сме да укажеме на одредени законски одредби, кои или не се земени предвид или погрешно се протолкувани, а кои треба да доведат до сосема поинаква препорака“, велат од Синдикатот на МКЦ.
Од тука дополнително појаснуваат дека постои дистинкција помеѓу доделените буџетски средства и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи) со кои институцијата слободно може да располага заради остварување на своите активности и генерирање дополнителни приходи, дури и по донесување на одлуката за распишување избори, нешто што го има вршено и Младинскиот културен центар преку ангажирањето лица со договор за дело за функционирање на киното „Милениум“, Планетариумот, бифето, програмата и слично.
„Сметаме дека забраната за исплата на други исплати важи исклучиво за буџетските средства, а не и за располагањето со средствата обезбедени како сопствен приход“, стои во барањето на Синдикалната организација на МКЦ доставена до надлежните институции, директорот и управниот одбор на институцијата“, велат од Синдикатот.
Во нивното барање стои и фактот што одредбата со забрана за располагање буџетски средства за време на изборниот процес е укината со одлука на Уставниот суд на Република Македонија на 17.5.2017 година, каде што, меѓу другото, Уставниот суд вели дека законодавецот во ниеден закон го нема дефинирано поимот „располагање со буџетски средства“. Законска дефиниција на поимот располагање со буџетски средства не е содржана ниту во Законот за буџетите ниту во законите за извршување на буџетите што се донесуваат секоја година ниту, пак, во други закони од финансиската област.
„Јасно е дека со забраната за располагање со буџетски средства предвидена не е и не може да биде опфатено располагањето со сопствените приходи вклучувајќи ги и исплатите од сопствени средства по договорите за дело за физички лица што континуирано помагаат за вршење на сопствените активности на Младинскиот културен центар од многу поодамна. Заради избегнување далекосежни последици врз Младинскиот културен центар, кои може да се рефлектираат како целосно замирање на културно-забавниот живот на градот, кратење на можноста за извршување на редовните активности и обезбедување средства од овие активности, како и обезбедување минимална егзистенција за физичките лица што веќе повеќе години се ангажирани врз основа на договор за дело“, велат од Синдикатот.
Синдикалната организација на МКЦ испрати барање за нова препорака до директорот, каде што ќе биде наведено дека Младинскиот културен центар Скопје има право да ги користи средствата обезбедени од сопствени приходи во согласност со свое наоѓање, односно за континуирано вршење на сопствените програмски активности и за време на предизборието затоа што, како што велат, животот и за време на избори сепак тече.
Comments