Симона Јованоска со дебитантскиот роман „Денот на црвот“ – ја доби престижната награда „Роман на год
- Aleksandar Santovski
- Mar 16, 2022
- 4 min read
15.03.2022 Mart Vtornik
„Романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот. Станува збор за полиперспективен книжевен текст, во кој контрапунктот и пресвртот, варијациите на темите и мотивите, нивната игрива и луцидна сопоставеност создаваат богат и слоевит роман“, истакна на денешната прес-конференција, Владимир Јанковски, претседателот на жири-комисијата за избор на наградата „Роман на годината“
„Денот на црвот“ од Симона Јованоска во издание на издавачката куќа „Или-Или“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2021 година. „Романот ‘Денот на црвот’ претставува успешно книжевно остварување во кое авторката на умешен начин комбинира различни приказни, егзистенцијални ситуации и човечки судбини. Композициски, книгата може да се чита како еден вид книжевна симфонија во која голем број елементи дијалогизираат едни со други, на моменти се оддалечуваат и се доближуваат, за повторно да се спојат и обединат во една смисловна целина. Романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот. Станува збор за полиперспективен книжевен текст, во кој контрапунктот и пресвртот, варијациите на темите и мотивите, нивната игрива и луцидна сопоставеност создаваат богат и слоевит роман“, истакна на денешната прес-конференција Владимир Јанковски претседателот на жири-комисијата за избор на наградата „Роман на годината“, читајќи го образложението. Дебитантскиот роман „Денот на црвот“ на Јованоска бил избран со мнозинство гласови на комисијата.
Инаку, наградата „Роман на годината“, која е во организација на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава се доделува по 23. пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Лауреатката Симона Јованоска, пак, истакна дека е многу среќна и возбудена што ја добила оваа награда. „Многу ја сакав оваа награда, нaвистина ја сакав, но никогаш овој роман не го напишав со таа цел. Беше пишуван во еден исклучително специфичен период за мене, во време кога почна пандемијата, а јас станав мајка по вторпат. Имав второ дете, се најдов дома, во пандемија, кога беше сè затворено, со затворени градинки, и во еден таков исклучителен тежок период, кога во други ситуации тоа би ме бутнало, кај мене делуваше обратно. Кај мене беше поттик за да напишам нешто и на тој начин да си помогнам пред сè на себеси, да ја канализирам новонастанатата ситуација и мислите кои ми доаѓаа и затоа ми е драго што од еден таков тежок период за мене излезе една таква мала, всушност голема победа. Победа која дополнително во иднина би ми претставувала мотивација да бидам подобра во тоа што го правам. Никогаш нема да пишувам наменски или да се допаднам на кој било, секогаш ќе пишувам за да држам до себе, да останам своја и никогаш немаше да го постигнам ова без поддршката на оние кои ми се најблиски“, рече Јованоска.
Како што додаде таа, за Нова година имала желба и предизвик да исчита што повеќе книги во 2022. „И еве таа желба ми се оствари, и в година ќе бидам член на жирито за ‘Роман на годината’ и ќе морам да читам книги, односно да ги исчитам книгите на кандидатите за оваа награда“, рече лауреатката на „Роман на годината“.
За романот на Јованоска, писателката Јагода Михајловска-Георгиева, пак, напиша: „Тоа е роман што од страница во страница постојано изненадува. Почетокот на романот е сосема неочекуван. Навестува дека делото е можна ‘басна’ со воведувањето на главните ликови: Црвот и Чавката. Но, тоа е итра замка што ја откриваме во продолжение. Приказната изобилува со свежи компарации никаде досега сретнати, ненаметлива духовитост, понекогаш и со одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност! Сето ова во комбинација со неспорниот талент и без малку зачудувачки зрелата раскажувачка вештина му овозможува на нејзиното дело висок дострел“.
Калина Малеска, пак, нагласува: „Вешто раскажан, со суптилен хумор и умешно поврзување на настаните и лајтмотивите, овој роман, низ различни перспективи, проникливо ги истражува околностите, животните искуства и личната несигурност како мотиви зад постапките на многубројните впечатливи и реалистични ликови“.
Авторката Симона Јованоска е родена 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“. Во 2019 година добива второ место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“. „Денот на црвот“ е нејзин прв роман.
Инаку, оваа година во конкуренција за наградата беа 39 романи, а жири-комисијата, покрај Јанковски, кој е минатогодишен лауреат, ја сочинуваа и Катица Гароска-Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева. Жири-комисијата одржала четири состаноци, а во најтесниот избор за наградата, покрај „Денот на црвот“ влегоа и „Деса“ од Ивана Трајаноска во издание на „Арс либрис“, „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски во издание на „Или-Или“ и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ во издание на „Паблишер“.
Како што најавија од Фондацијата, наградата свечено ќе биде врачена на почетокот на септември, за претходно, за време на летото, да се промовира во повеќе градови низ Македонија. (Н.И.Т.)

Comments