Симон Трпчески за „Вијести“: Апсолутно сум горд што сум од Македонија, никогаш нема да користам Севе
Симон Трпчески за „Вијести“: Апсолутно сум горд што сум од Македонија, никогаш нема да користам Северна „Потекнувам од скромно семејство, цврсто ги држам нозете на земја и никогаш не сум заборавил кој сум, што сум и од каде потекнувам…“, кажа во интервјуто за црногорскиот весник „Вијести“ македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, одговарајќи на прашањето „Колку е тешко за талентиран музичар од мала земја како Северна Македонија да се пробие на светската сцена?“
„Македонија (никогаш нема да користам квалификации како северна, јужна, западна пред името затоа што мислам дека е прашање на политика) е мала земја, како Црна Гора и вистинско чудо е човек од толку мала држава да се снајде, да достигне височини. Апсолутно сум горд на фактот што сум од Македонија и потекнувам од скромно семејство, цврсто ги држам нозете на земја и никогаш не сум заборавил кој сум, што сум и од каде потекнувам…“, кажа во интервјуто за црногорскиот весник „Вијести“ македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, одговарајќи на прашањето „Колку е тешко за талентиран музичар од мала земја како Северна Македонија да се пробие на светската сцена?“.
Трпчески беше интервјуиран по повод концертот што викендов го одржа со црногорскиот симфониски оркестар во Подгорица на кој беше изведен Брамсов концерт за клавир и оркестар.
Понатаму во својот одговор Трпчески меѓу другото додаде: „Научив многу кога почнав да патувам низ светот, запознав многу луѓе, неверојатни личности, бев отворен и подготвен за нови знаења. Поради мојата отвореност, станав и духовно богат. Јас сум едноставна личност и тоа ми помага во животот, иако денешниот свет е поинаков и оди во чудни правци. Верувам во чистотата на човечката душа, во природата, отвореноста на изразувањето и моќта на музиката. Можам да кажам дека луѓето кои доаѓаат од мали земји и кои имале многу предизвици се поцврсти, знаат како да стигнат до целта. Друг проблем е што владите на овие мали земји не сакаат да одат напред побрзо за да се развиваат, но што е тука е. Немаме време за чекање, треба да одиме напред и тоа го знаат сите свесни луѓе од која било професија. Горд сум што доаѓам од Македонија и што успеав да го направам сето тоа и одам напред“.
Трпчески во интервјуто се осврна и на својот музички проект „Македонисимо“, кој беше промовиран во многу земји, но како што кажа, ќе продолжи да го претставува низ светот.
Новинарот на „Вијести“ констатираше дека е „интересно што Трпчески ја промовира македонската култура и преку проектот ‘Македонисимо’, каде што изведува дела од македонски композитори“. Toj го запраша нашиот пијанист и како публиката ширум светот ги прифати овие дела со оглед на тоа што Македонија се карактеризира со неправилни ритми кои често им задаваат проблеми на музичарите, како и дали се интересни за публиката и колку е важно да се зачува традицијата преку нови дела?
„’Македонисимо’ е мое дете и јас сум исклучително горд на тој проект. Пораснав со хармоника и народна музика. Хармониката е мојата прва љубов и отсекогаш сум верувал дека нашата народна музика од Македонија има исклучителна моќ поради нејзината различност“, одговори Трпчески. Тој објасни дека направил избор од шест сплетови заедно со македонскиот композитор Панде Шахов, а како резултат произлегол софистициран музички јазик кој предизвикува воодушевување кај публиката.
„Веќе сме настапувале во речиси многу земји, меѓу кои Велика Британија, Швајцарија, Холандија, Кореја, а во 2019 година настапивме и во Бар, а следниот концерт со овој проект е во Виена. Тоа ќе биде светска премиера на оркестарската верзија за квинтет и оркестар. Бевме крајно внимателни да не го нарушиме богатството, сржта, душата на македонскиот народ, коренот на историјата, традициите. Кој слуша ќе види дека автентично ги свириме главните мелодии кои се преземени од врвните мајстори кои напишале дел од тие мелодии. Како водич и иницијатор, кум на проектот ’Македонисимо’, имав голема одговорност со Шахов да создадеме проект кој ќе биде рамо до рамо со класичната музика. Знаејќи дека сите легендарни композитори знаеја многу за својата народна музика и ја познаваа музиката на другите народи, ја вградивме во нашиот сопствен музички јазик“, додаде Трпчески кој ги спомна и колегите музичари со кои соработувал на овој проект.
„Сите тие се мајстори на своите инструменти и таа наша енергија што на сцената ја пренесуваме во која било земја каде што свиревме, не ја оставила публиката рамнодушна. Навистина ми е драго што постигнавме голем успех и после Виена не чекаат уште концерти, а наесен турнеја низ поранешна Југославија, па во Монте Карло, а потоа се надевам дека ќе ги одржиме и тие концерти кои ги откажавме поради пандемијата во Кина, Нов Зеланд, Бразил. Ќе одиме чекор по чекор, но се надеваме дека ќе го претставиме ‘Македонисимо’ и во Подгорица“, кажа Трпчески.
Comments