Сеќавање на легендарниот Јанко Узунов – човекот кој својот живот ѝ го посвети на музиката
24.08.2026 Avgust Ponedelnik
12 години како не напушти Јанко Узунов 24 август 2014 година, ненадејно почина Јанко Узунов-Узун, еден од најпрепознатливите музички уметници кои оставија огромен белег на македонската естрада. Роден на 15 февруари 1951 година во Валандово, Узунов зад себе остави богата кариера како пејач, гитарист и автор, посветен на народната, поп и забавната музика.
Со музиката започнал да се занимава уште како дете. На деветгодишна возраст почнал да свири мандолина во училишната музичка секција, а неколку години подоцна се насочил кон гитарата. Учел сам, а својата прва група ја формирал во 1966 година во родниот град Валандово.
Рок групата „Златни стени“ за кратко време стекнала популарност низ Македонија. Со неа Узунов настапувал на тогашните гитаријади, а особено значаен бил настапот во Гевгелија во 1969 година, каде што бил прогласен за најдобар гитарист. За признанието, списанието „Млад борец“ му доделило електрична гитара.
Истата година пристигнал во Скопје, каде што се запишал на Земјоделско-шумарскиот факултет. По завршувањето на студиите работел како агроном неколку години, но љубовта кон музиката останала неговата најголема професионална определба. Подоцна се запишал и на Музичката академија, на наставно-теоретскиот оддел.
На почетокот на седумдесеттите години ја започнал и својата професионална музичка кариера, а меѓу првите снимки била песната „Магдалена“ од Димитар Масевски.
Во 1976 година, заедно со Цветанка Ласкова, на фестивалот во Опатија ја испеал песната „Момчето со мандолината“, по која токму овој назив останал трајно поврзан со неговото име и кариера. Песната стана еден од белезите на неговиот музички пат, а Узунов со својот специфичен вокален и сценски израз се вброи меѓу препознатливите имиња на македонската музичка сцена.
Во текот на кариерата тој се движел низ различни музички жанрови. Покрај забавната и поп музиката, подоцна се посветил и на новокомпонираната фолк музика, а како автор останал запаметен по песните „Чаки панкерот“ и „Звучна фантазија“.
Неговиот музички пат не бил само исполнителски. Узунов бил и музички педагог, а во последните години од животот особено бил посветен на своето приватно музичко училиште „Узун“, преку кое своето знаење и љубов кон музиката им го пренесувал на младите.
Во приватниот живот од првата сопруга го има синот Кирил Узунов ,а потоа по разводот од првата сопруга, бил сопруг и на познатата пејачка Жаклина Колоска-Узунова, со која го делел и животот и љубовта кон музиката.
Јанко Узунов почина ненадејно од срцев удар на 24 август 2014 година во Берово, каде што престојувал на одмор со својата сопруга. Неговото заминување беше голема загуба за македонската музичка сцена.







Comments