Серија мастеркласи на Милчо Манчевски на универизтетот во Аризона
Македонскиот режисер Милчо Манчевски неделава е во фокусот на Државниот универзитет во Аризона, САД. Манчевски ќе одржи серија мастеркласи и предавање, а се прикажуваат и неговите филмови „Пред дождот“, „Мајки“ и „Бикини Мун“. Серијата мастеркласи се одржува во Новата американска филмска школа „Сидни Поатје“, а почна со анализата на „Бикини Мун“, неговиот американски филм од 2017 кој е лажен документарец за ветеранка од војната во Ирак и е снимен во Њујорк. Во серијата, меѓу другите, се и мастеркласите на кои Манчевски ќе ги прикаже неговите техники за работа со актери и концептот за кадар. Гостувањето на Универзитетот во Аризона ќе се заокружи со предавање во Центарот Меликијан. Творештвото на Манчевски е дел од наставните програми на бројни универзитети во светот, како и тема на многу есеи и книги. Неговите дела се предмет на истражувања на бројни конференции, меѓу кои и оние посветени на „Пред дождот“ на Универзитетот во Лајпциг и на „Прашина“ на Европскиот универзитет во Фиренца. Во богатиот академски ангажман на Манчевски се и професор на Универзитетот на Њујорк, предавач на универзитетите Кембриџ, Оксфорд, Браун, Јеил, Шангај, ВГИК во Москва, Филмската академија на Куба и многу други низ светот. Седмиот филм на Манчевски „Кајмак“ имаше светска премиера на фестивалот во Токио во ноември 2022 година, лани беше најгледан филм во Македонија и се прикажа во кината низ 30 градови во земјава, што беше настан без преседан во македонската киноприкажувачка дејност последнава деценија. „Кајмак“ од почетокот на годинава го продолжува животот по низа филмски фестивали во светот.
Comments