top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Секоја неотворена и непрочитана книга е исто како да не е објавена – врачeни годишните награди на ДП

Секоја неотворена и непрочитана книга е исто како да не е објавена – врачeни годишните награди на ДПМ„Денес речиси не постои книжевна критика, затоа што нема каде да се објави, но и затоа што критичко-есеистичкиот ангажман и труд не се хонорира и исплатува. Најголем проблем и понатаму е нечитањето на македонските автори меѓу себе, но и од страна на читателите. А, секоја неотворена и непрочитана книга е исто како и да не е објавена“, истакна Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, на вчерашното доделување на годишните награди на оваа асоцијација

„Не е важно колку средства ќе собереме, важно е дека правиме она што можеме, а ние ги имаме зборовите“, кажа познатиот македонски писател Венко Андоновски на вчерашната церемонија на врачување на годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), кое започна со перформанс за финансиска поддршка на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија. Имено, Андоновски, кој е годинашен добитник на наградата „Стале Попов“ за својот роман „Папокот на светлината“, на петнаесет ликовни платна испиша петнаесет одбрани авторски реченици – пораки, кои потоа ќе бидат понудени на хуманитарна аукција на фирмите во Скопје и Републиката.

Пред колегите писатели, освен на Андоновски, вчера им беа врачени награди и на останатите добитници, на Соња Стојменска-Елзесер – која го доби признанието „Димитар Митрев“ за книга со критики или есеи за книгата „Книжевен бинокулар“. Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка му беше врачена на Зоран Пејковски за „Убавите жени“, додека наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади – на авторката Ели Маказлиева за делото „Чудесен дар во годишен календар“.

Церемонијата со која истовремено се одбележаа и 76 години постоење на оваа најголема писателска асоцијација во државата, започна со едноминутно молчење со кое им се оддаде почит на сите колеги членови на ДПМ кои починаа минатата година, но и на жртвите во катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија.

„Друштвото на писателите на Македонија денес има точно 76 години. Тоа е веќе добра, а некои би рекле длабока старост, па треба да се радуваме сите заедно по секој успешно поминат и изминат ден. Неизмерно им благодариме на нашите основачи и темелници: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов.


Друштвото на писателите на Македонија е престижна и привлечна асоцијација, а доказ за тоа е и неодамнешниот конкурс за прием на нови членови, на кој се пријавија дури 69 кандидати, а беа примени деветмина. Исто така, и заинтересираноста за наградите на Друштвото на писателите на Македонија сè уште е на завидно ниво. И понатаму најбројни се поетските и прозните книги, а во пораст е и бројот на критичко-есеистичките книги и книгите за деца и млади. Но, иако и во претходните години немаше поголема и вистинска конкуренција за наградата „Мост“, минатата година не пристигна ни една книга, па оваа награда сериозно е доведена во прашање“, посочи вчера Христо Петрески, претседател на ДПМ.

Тој, исто така, посочи дека Друштвото на писателите на Македонија, по пандемскиот период, продолжува со своите тековни и редовни активности и покрај финансиски и кадровски проблеми.

„Друштвото на писателите на Македонија потпиша спогодби за соработка со здруженијата на писателите на Србија и на Црна Гора, а се прават подготовки за соработка со Албанија и обновување на соработката со Бугарија. Истовремено, се интензивирани контактите со македонските писатели од Гетеборг, Сомбор и од Шибеник. Но, сè уште сме далеку од реципрочна и позначајна меѓународна размена и соработка. ДПМ имаше гостувања и настапи на неколку манифестации и во повеќе библиотеки и училишта во Скопје, Гевгелија, Гостивар, Велес, Битола, Радовиш, Струга… Таа практика ќе продолжи и во наредниот период, со вклучување на писателите членови на ДПМ и од внатрешноста, а не само од Скопје“, додаде Петрески.

Тој, исто така, истакна дека, за жал, писателите кај нас се во подредена и незавидна позиција и улога, зашто нивните книги се печатат во 100, па и помалку од тоа примероци.

„И понатаму македонските писатели немаат простор за објавување, иако бесплатно ги објавуваат своите творби, а се принудени да прифатат и скромни и смешни хонорари. Најчесто хонорарот за македонските писатели е ручек или вечера, а најчесто тие објавуваат и настапуваат сосема бесплатно и на Фејсбук. Денес речиси не постои книжевна критика, затоа што нема каде да се објави, но и затоа што критичко-есеистичкиот ангажман и труд не се хонорира и исплатува.

Најголем проблем и понатаму е нечитањето на македонските автори меѓу себе, но и од страна на читателите. А, секоја неотворена и непрочитана книга е исто како и да не е објавена“, посочи Петрески.

Во рамките на вчерашната церемонија беа прогласени и тројца нови почесни членови на ДПМ, Златко Крамариќ од Хрватска, Ала Шешкен од Русија и Ана Багрјана од Украина, како автори од странство кои ги поддржуваат писателите од Македонија, македонскиот јазик, писмото и идентитетот. (Д.Т.)





1 view

Comments


bottom of page