Седум песни за кралицата Елизабета Втора
- Aleksandar Santovski
- Sep 16, 2022
- 2 min read
Кралицата Елизабета Втора владееше 70 години и за тоа време стана инспирација за многумина, но не сите ја сакаа, имаше многумина што беа и останаа доста непријателски расположени кон неа и кон целото кралско семејство. Тоа може да се види, на пример, од песните што се инспирирани од неа, бидејќи имаат различни тонови и расположенија, од позитивни или неутрални до такви што се со отворени критики или прозивки. Во некои песни таа не е клучен лик, но, како што споменавме, сепак на овој или оној начин влијаела на уметниците.
„Her Majesty“ – Битлси (1969)
Иако Џон Ленон ѝ го врати својот орден на Британската Империја во знак на протест поради вмешаноста на империјата во разни војни и конфликти, Пол Макартни сепак имаше нешто убаво да каже за кралицата Елизабета низ годините. Тој ѝ го честита 70-годишниот јубилеј со зборовите: „Седумдесет убави години на кралицата Елизабета Втора. Секоја чест, госпоѓо!“, а песната е главно во весел тон.
„God Save the Queen“ – Секс пистолс (1977)
На сите им е јасно дека оваа песна е насочена против монархијата и нејзината прва јавна изведба предизвика скандал низ Велика Британија, но Џон Лидон (Џони Ротен) појасни дека нема ништо против самата кралица. Тој рече дека таа морала да трпи секакви работи и дека нема ништо против нејзиното семејство, туку против самата институција, за која треба да плаќаат британските граѓани.
„The Queen Is Dead“ – Смитс (1986)
Мориси е многу отворен за својот став кон кралицата и целото семејство, а ова не е само наслов на песната туку и целиот албум на бендот. Монархијата претставува нееднаков и неправеден општествен систем. Не постои такво нешто како „кралско семејство“. Или верувате во оваа глупост или сте доволно паметни да сфатите дека сето тоа е човечка алчност и ароганција – изјави Мориси во една пригода.
„Elizabeth My Dear“ – Стоун роузиз (1989)
Иако името навестува позитивен однос кон кралицата, зборовите покажуваат дека намерата била поинаква. Пред да биде изведена песната во 2012 година, пејачот Иан Браун појасни дека го нервираат оние што „слават 60 години тиранија“.
„Dreaming of the Queen“ – Пет шоп бојс (1993)
Иако оваа песна не зазема позитивен или негативен став кон кралицата, Нил Тенант објасни зошто на прво место ја вклучил во песната. Прочитав дека еден од најчестите соништа е кралицата да дојде кај вас дома – рече тој.
„Insect Royalty“ – Прајмл скрим (1998)
Лидерот на бендот Боби Гилеспи објасни зошто има толку голема антипатија кон кралското семејство. Кога во 1977 година беше сребрен јубилеј, сите беа патриоти. Носеа знамиња и го обожаваа кралското семејство. Јас како дете ги мразев, а ги мразам и денес, па купувањето на синглот „God Save the Queen“ изгледаше како вистински антиавторитарен гест- изјави Гилеспи.
„Illuminati“ – Мадона (2016)
По средбата со кралицата во 2002 година, Мадона наводно се насмеала кога сфатила дека кралицата нема поим која е таа, ниту кој е Џон Клиз, исто така присутен покрај неа. Таа во песната само тврди дека кралицата не е дел од илуминатите.

Comentários