Седмиот Фестивал на европска литература „BookStar“ – симбиоза на „генезата“ и „жанровите“ во книжевн
Фестивалот што ќе се одржи од 12 до 15 октомври ќе донесе девет авторски имиња, од кои дури осум гости од странство, и ќе ги постави прашањата: Дали ковид-19 е најопипливата апокалиптична форма на цивилизацијата досега и вител во кој ќе исчезнуваме, дел по дел? Или, пак, сме исправени пред поглавје на повторно раѓање на човештвото, втор genesis? И како литературата ќе си го најде своето место во овие застрашувачки моменти, ќе треба ли да најде автохтон дискурс или судбината ѝ е веќе испишана?
„Седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ ќе донесе девет авторски имиња, од кои дури осум гости од странство, кои ќе допатуваат лично во Скопје за директна средба со своите читатели и македонската публика. Беше предизвик да се организираат нивните патувања во едно вакво време на протоколи и ограничувања, па тоа што успеавме да донесеме дури осум имиња за нас е вистинска гордост и задоволство“, вели за весникот ВЕЧЕР, Кристина Дукоска, уредник во „Антолог“, кои се организатори на фестивалот.
Годинава „BookStar/Книжевни ѕвезди“ ќе се одржи од 12 до 15 октомври во Младинскиот културен центар, под слоганот „Genresis“. Фестивалот ќе ги постави прашањата: Дали ковид-19 е најопипливата апокалиптична форма на цивилизацијата досега и вител во кој ќе исчезнуваме, дел по дел? Или, пак, сме исправени пред поглавје на повторно раѓање на човештвото, втор genesis? И како литературата ќе си го најде своето место во овие застрашувачки моменти, ќе треба ли да најде автохтон дискурс, или судбината ѝ е веќе испишана?
Како што посочува Дукоска, годинашниот слоган е комбинација од поимите „генеза“ и „жанрови“ и преку него сакаме да го претставиме повторното раѓање на книжевноста и на културата преку жанрот како форма на изразување. „Сите настани на овој ‘BookStar’ всушност се во функција на таа симбиоза“, вели таа.
Инаку, фестивалот се отвора на 12 октомври со гостинката од Австрија, Катарина Винклер, и промоцијата на нејзиниот роман „Модар накит“.
„Веднаш потоа следува промоцијата на единствениот домашен автор, Влада Урошевиќ, и неговото најново дело ‘Viola arsenica; белешки за поезијата’, која ја организираме во соработка со издавачката куќа ‘Готен’. Следниот ден имаме уште три значајни авторски имиња: Огнен Спахиќ од Црна Гора со делото ‘Под двете сонца’, Баслор Хоџа од Косово со делото ‘Сведокот’ и гостинот од Исланд, Сјон, многу значаен прозаист и поет, од кого имаме објавено три книги“, посочува Дукоска.
Третата фестивалска вечер, пак, е резервирана за авторки од Хрватска, Марина Вујчиќ со романот „Педесет цигари за Елена“ и Михаела Гашпар со романот „Часовничарот“. „Фестивалот го затвораме со двајца писатели што се на врвот на нашите листи во однос на читаност: Софија Лундберј ни доаѓа од Шведска и ќе ги промовираме нејзините топли љубовно-историски романи, а веднаш потоа продолжуваме со Миодраг Мајиќ од Србија и неговите одлични трилери“, додава Дукоска.
Покрај промоциите на авторите, кои се настани од главната програма, организаторите најавуваат и тркалезна маса на тема „Превод/комуникација/разбирање“, настан во чест на 100-годишнината
од раѓањето на Станислав Лем, книжевна дискусија на тема „Книжевни жанрови:
систем или креативен хаос“, работилница за креативно пишување од страна на Сјон, книжевно читање „Ти реков, ми рече“, познатиот книжевен поткаст „Гол ручек“ во живо, Саем на европската литература…
„Годинава пригодно ја одбележуваме и стогодишнината од раѓањето на полскиот автор и футуролог Станислав Лем со книжевна дискусија во негова чест“, истакна Дукоска.
Наградата „Букстар 2021“, пак, ќе му биде доделена на Миодраг Мајиќ од Србија за книгата „Островот на пеликаните“.
Инаку, влезот на сите фестивалски настани е бесплатен, но задолжителен е вакцинален сертификат и почитување на сите здравствени протоколи. (Н.И.Т.)
Comments