Седма победа на седум гостувања во низа за Челси
Updated: Apr 12, 2022
11.04.2022 April Ponedelnik
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Челси во импресивен стил се врати на победничките патеки по двата пораза на домашен терен, од Брентфорд во Премиер-лигата, 1-4, а потоа и од Реал Мадрид со 1-3 во Лигата на шампионите (ЛШ), демолирајќи го Саутемптон на гости, со 6-0! Овој триумф на Челси, особено играта во првите 45 минути, кога дадоа четири гола и трипати го погодија дирекот, е големо охрабрување за менаџерот Томас Тухел пред утрешниот реванш против Реал во Шпанија. – Многу добар натпревар, како во офанзива, така и во дефанзива. Бевме цврсти во дуелите, бевме опасни во транзицијата, бевме добри на сите делови од теренот. Покажавме и голема ментална цврстина, што не е секогаш лесно, оти играме ужасно многу мечеви, со безмилосен распоред. Не е лесно, но ова е реалноста – изјави Тухел. Челси ја забележа седмата победа на последните седум гостувања во сите натпреварувања, што е најдолга победничка серија на гости во клупската историја, како во април 1989 и во ноември 2019 година. Ова беше и најголемата победа на Челси на гостински терен, идентична на оние над Барнсли (во август 1997) и над Виган (август 2010), со по 8-0. За Саутемптон, потежок пораз дома од овој во клупската историја беше рекордниот 0-9 од Лестер, во октомври 2019 година. Челси по 19-ти пат постигнува шест и повеќе голови на натпревар во Премиер-лигата, како и Манчестер сити. Саутемптон, пак, прима шест и повеќе голови на натпревар во Премиер-лигата по десетти пат, најмногу од сите тимови. „Сините“ од Лондон се третиот тим од Премиер-лигата што сезонава дал 100 и повеќе голови, по Ливерпул (119) и Манчестер сити (114). За Саутемптон ова беше трет пораз во низа на стадионот „Сент Мери“ во Премиер-лигата, откако претходно загуби три на 20-те натпревари дома.
Comments