Седлоски: Миовски ќе се врати кога ќе почне да игра, веќе нема да му простувам на никого! фудбал лига на нации квалификации 2026-2027
03.11.2026 Noemvri Vtornik
Селекторот Гоце Седлоски објави список од 26 фудбалери за последната репрезентативна обврска која ќе ја имаат нашите репрезентативци во 2026-та година, а на натпреварите против Шкотска и Словенија ќе се брка првата победа во изминативе 14 месеци.
Македонија не знае за триумф од септември минатата година кога беше декласиран Лихтенштајн на „Тодор Проески“, но оттогаш во селекцијата се случија голем број промени, а Седлоски започна сериозен процес со подмладување на националниот тим.
Седлоски продолжи во тој стил и во пресрет на двата предизвици кои следат, па во таква ситуација, реши да им даде шанса само на играчи кои редовно добиваат минутажи во своите клубови.
Најголемо внимание привлече изоставувањето на Бојан Миовски, но и изјавата која ја даде селекторот за сите оние кои во изминатиот период не ја искористија својата шанса да се наметнат во репрезентацијата.
– Списокот е составен од 23 играчи и тројца голмани, а пред нас се дуели со две репрезентации кои знаеме како играат. Целта е да ги поправиме грешките, барам од играчите да го остават срцето на терен, да има жар и борба, но и дисциплина во играта. Влегуваме со цел да ја поправиме сликата од последниот собир и составив тим од играчи кои играат во своите клубови.
– Миовски долго време нема минутажа во Глазгов Ренџерс, затоа се одлучив за овие четворица напаѓачи кои се повикани. Бојан не е избришан од составот, ќе добие повторно повик кога ќе настапува и кога ќе игра на редовна база. Нема лутење кога станува збор за репрезентацијата, и јас не сум бил повикуван кога не сум бил стандарден во клубот. Наметнав тренд и така и ќе продолжам. Нема да викам играчи кои не играат за тимовите, – изјави Седлоски, кој на оваа тема додаде.
– Генерално гледано, мора да се промени односот од играчите кон репрезентацијата. Атмосферата во тимот е одлична, но ќе потенцирам дека веќе нема да дозволам тука да има играчи кои доаѓаат само да се видат со блиските и роднините. Доаѓаат на прошетка и потоа се враќаат во клубовите, тоа веќе нема да му го простам на никого. Се знае како треба да се бориш кога настапуваш со овој дрес на себе, не можам јас да бидам виновен ако некој не се залага на тренинг, или на натпревар, – нагласи селекторот.







Comments