Сега имам уште поголема мотивација да тренирам и да работам
28.09.2021 Septemvri vtornik
ЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ, „СРЕБРЕНОТО“ МОМЧЕ ОД ЛОИ 2020
Таеквондистот Дејан Георгиевски (22), „сребреното“ момче од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, кој летово ѝ донесе најголем успех на Македонија по речиси 20 години, секако уште е под импресии од борбите, татамите и медалот што се најде на неговите гради. Во меѓувреме, Георгиевски, кој е член на ТК Бутел од Скопје, стана и академски граѓанин, дипломира на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, на тема „Менаџирање на човечките ресурси во спортските организации“. Георгиевски појаснува дали и што се смени во претходните два месеца откако се врати со сребрениот медал од Летните олимписки игри во јапонскиот главен град. – Сѐ се смени. Сега дури имам уште поголема мотивација да тренирам и да работам. Веќе почнавме да правиме план за Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, а оттаму да го донесеме златниот медал – оптимист е членот на ТК Бутел од Скопје, Георгиевски. До крајот на сезонава, како и во следната, го очекуваат значајни турнири. – До крајот на годината имам неколку Г1-турнири и еден гранпри-турнир, а тоа се натпревари што носат бодови за пласман на Летните олимписки игри во Париз. Следната година, секако, најбитен ќе ми биде настапот на Светското првенство – рече Георгиевски.
Тој е задоволен што моментно е шести на светската ранг-листа, ако се знае дека во септември 2019 година беше на 22-то место. – Тоа ми е и најбитно, да останам во првите шест на врвот, бидејќи така веднаш ќе си обезбедам пласман на ЛОИ во Париз. Во спротивно, ќе треба да одам повторно преку квалификации – вели секогаш оптимистички расположениот Георгиевски. Задоволен е и од фактот што во Русија се појавија маички со неговиот лик. – Секако, тоа што продаваат маички со мојот лик во Русија особено ме радува, оти тоа е голема реклама и за нашата држава Македонија, како и за македонското таеквондо – коментира олимпискиот вицешампион. Популарноста вели дека му годи и не му претставува проблем. – Засега мислам дека одлично се справувам со неа, а тука многу ми помагаат и моите тренери, Борче и Дарко Костовски – категоричен е Георгиевски. Идните планови веќе почнаа да се „коват“. – Па, плановите уште од првиот момент кога се вратив од Токио почнаа да се прават. Иако има три години до следните Летни олимписки игри и тоа можеби изгледа како долг период, но за нас е краток период. Секако, таму планираме да одиме за да го донесеме златниот медал – вели Георгиевски.
goce.i@novamakedonija.com.mk
Comments